Утрински Весник
Балкан

Вучиќ помилувал и обвинет за обид за тешко убиство – судот ги објави имињата на петмина помилувани

Vuchik24.jpg

Вишиот суд во Белград денеска, 2 ноември, ги објави имињата на пет лица кои биле помилувани од поранешниот српски претседател Александар Вучиќ. Меѓу нив е и поранешната државна секретарка во Министерството за внатрешни работи, Дијана Хркаловиќ, против која се водеше постапка за трговија со влијание.

Според соопштението на судот, одлуките за помилување биле донесени на 27 септември 2026 година, непосредно пред Вучиќ да ја напушти претседателската функција, а до судот биле доставени денеска од Министерството за правда.


Со овие одлуки четири лица се ослободени од понатамошно кривично гонење, додека едно лице е ослободено од издржување на преостанатиот дел од затворската казна.

Меѓу помилуваните е Дијана Хркаловиќ, поранешна висока функционерка на српското МВР, која е ослободена од кривично гонење за трговија со влијание. Постапката против неа се водеше пред Посебното одделение за организиран криминал при Вишиот суд во Белград.

Небојша Ѓокиќ е ослободен од кривично гонење за перење пари, во постапка што исто така се водела пред одделението за организиран криминал.

Марко Павловиќ е помилуван во предмет во кој бил обвинет за обид за тешко убиство. Со одлуката на Вучиќ, кривичното гонење против него се запира.

Меѓу помилуваните е и Драгана Живадиновиќ, против која се водела постапка за злоупотреба на службената положба и фалсификување службена исправа.

Петтото лице е Милош Дугалиќ, чија молба за помилување, поднесена на 20 август годинава, била прифатена. Тој е ослободен од понатамошно издржување на затворската казна изречена со пресуда на Апелациониот суд во Белград од 20 март 2025 година.

Од Вишиот суд во Белград соопштија дека сите одлуки за помилување стапиле во сила на денот на нивното донесување, односно на 27 септември.

Судот најави дека во предметите на кои се однесуваат одлуките ќе постапува во согласност со законските прописи.

Објавувањето на имињата следува по повеќенеделните реакции во Србија поради одлуката на Вучиќ да помилува вкупно 49 лица, без првично да го објави целиот список.

Јавното обвинителство за организиран криминал на 30 октомври побара од Министерството за правда итно да ја достави целокупната документација за помилувањата, вклучувајќи ги одлуките, мислењата на надлежните институции и преписката со кабинетот на тогашниот претседател.

Во меѓувреме, Вучиќ во телевизиско гостување изјави дека помилувањата биле негово законско овластување како претседател на државата и дека донесените одлуки не можат едноставно да бидат поништени.

Тој претходно потврди дека меѓу помилуваните има и лица поврзани со протестите во Србија, вклучително и активисти од Нови Сад.

Објавените пет имиња претставуваат само дел од поширокиот список, додека постапката за проверка на останатите одлуки и нивната документација продолжува.

Можете да прочитате

Атинскиот градоначалник бара мерки за справување со криминалните групи кои крадат бакарни цевки и кабли

Глас за Вучиќ чинел 50 еврa – Уапсени четири лица во Србија, тројца признале

Драма на летот за Софија: Дојава за бомба во авион на „Виз ер“, интервенирал борбен авион