
Околу два милиони евра биле повлечени во готовина и преку други трансфери од Алта банка АД Битола заклучно со вчерашниот ден, соопшти гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на вонредна прес-конференција. Тој ги образложи причините за воведувањето привремена администрација во банката и ограничувањето на одливот на средства од сметките на граѓаните.
Според Славески, податокот за повлечените средства го потврдил Управниот одбор на Алта банка на средба одржана денеска во 14:10 часот. Средбата се одржала откако Извршниот одбор на Народната банка ги донел решенијата за привремените мерки.
„Тие потврдија дека до вчерашниот ден, заклучно со вчерашниот ден, биле во готовина и други трансфери подигнати околу 2.000.000 евра од банката“, изјави Славески.
Гувернерот објасни дека поради зголеменото повлекување средства, процесорот за картички привремено ги блокирал платежните картички издадени од банката. Услугата повторно била овозможена денеска околу 12 часот.
Со мерките на Народната банка, граѓаните ќе можат да користат до 10.000 денари неделно преку платежните картички издадени од Алта банка. Славески посочи дека при определувањето на лимитот се воделе од проценката за секојдневните потреби на клиентите.
Во образложението тој наведе дека просечната плата и пензија, земени во комбинација, изнесуваат околу 40.000 денари месечно.

Извршниот одбор на Народната банка донесе одлука за воведување привремена администрација во Алта банка АД Битола, со што управувањето го преземаат лица определени од централната банка. Мерката веќе е во сила, а ограничувањата за плаќањата се воведуваат со цел зачувување на имотот на банката.


