Утрински Весник
Македонија

Перински: Карпош функционира нормално, законот дозволува градоначалникот да биде заменет без временско ограничување

Img 7064.jpeg

Општина Карпош продолжува редовно да ги извршува сите свои законски обврски и да ги сервисира услугите кон граѓаните, без никакви застои, и покрај актуелното отсуство на градоначалникот. Ова го изјави министерот за локална самоуправа, Златко Перински, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“, осврнувајќи се на јавните реакции поврзани со состојбата во општината.

Според Перински, институциите во Карпош функционираат непречено бидејќи законската рамка јасно предвидува механизам за замена на градоначалникот во случаи кога тој е оправдано отсутен или спречен да ја извршува функцијата.


Тој оцени дека дел од јавната дебата околу ова прашање е политички мотивирана и дека во изминатиот период можеле да се слушнат изјави кои, како што рече, повеќе припаѓаат на дневно-политичкиот фолклор отколку на суштинска правна расправа.

Министерот потсети дека член 52 од Законот за локална самоуправа му овозможува на градоначалникот да овласти член на Советот кој во негово отсуство ќе ја застапува општината и ќе ги извршува сите законски надлежности.

„Ова е решение што го користат сите општини кога има потреба. Градоначалниците, како и сите други, може да бидат отсутни поради различни објективни причини, а законот обезбедува институциите да продолжат да функционираат без прекин“, истакна Перински.

Тој нагласи дека овластениот член на Советот располага со сите неопходни овластувања за непречено спроведување на надлежностите на градоначалникот, додавајќи дека случајот со Карпош не се разликува од други слични ситуации во земјата, освен што поради атрактивноста на општината привлекува поголемо медиумско внимание.

Осврнувајќи се на прашањето дали постои законски рок во кој заменикот може да ја извршува оваа функција, Перински беше дециден дека такво ограничување не постои.

Според него, целта на законското решение е да се обезбеди непрекинато функционирање на локалната самоуправа сè додека трае оправданото отсуство на градоначалникот.

„Воведувањето фиксно временско ограничување би можело да создаде судир со други законски прописи, особено со Законот за работни односи. Постојат ситуации кога градоначалникот поради здравствени или други оправдани причини не може одреден период да ја извршува функцијата, па затоа законот остава простор институциите да продолжат да работат без правни пречки“, изјави Перински.

Тој на крајот повика темата да не се користи за политички пресметки, оценувајќи дека најважно е граѓаните да добиваат навремени услуги, а општината да функционира без застој.

Можете да прочитате

Казина подалеку од училиштата и без реклами за „брза заработка“ – помина новиот закон

Алиу: „Има пациенти, кои, за жал, не се веќе меѓу нас, а биле и се на листата на чекање“

Перински му одговори на Ѓорѓиевски за барањето од ЗЕЛС: Прво соберете си ги 100-те милиони евра од данок на имот, па барајте повеќе пари од државата