Утрински Весник
Скопје

Жителите на Капиштец ја губат трпеливоста: Ако институциите не реагираат, следуваат блокади на улиците

Ea4733ad e8c3 46a5 b1c8 ab80e0ebf934.jpeg

Жителите на скопската населба Капиштец повторно излегоа на протест поради, како што велат, долгогодишната бучава од угостителскиот објект „Интермецо“, предупредувајќи дека доколку и овој пат институциите не преземат конкретни мерки, нивниот следен чекор ќе бидат блокади на улиците.

Протестот, организиран од граѓанската иницијатива „За пристоен Капиштец“, се одржа кај кошаркарското игралиште во паркот во населбата. На собирот присуствуваа и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, како и неговиот претходник Саша Богдановиќ.


Жителите порачаа дека со години се принудени да живеат со гласна музика, ноќни забави и нарушен јавен ред и мир, поради што, според нив, нормалното секојдневие во населбата е целосно нарушено.

„Повеќе од десет години бараме решение. Навечер не можеме да спиеме од музиката, вревата и однесувањето на посетителите. Не сме против угостителските објекти, но тие не треба да функционираат на сметка на мирот на жителите. Капиштец е населба за живеење, а не концертна арена“, порача еден од присутните жители.

Незадоволните граѓани побараа објаснување од градоначалникот Герасимовски што досега е преземено за надминување на проблемот. Тој истакна дека Општина Центар во изминатиот период презела повеќе активности во рамките на своите законски надлежности.

Според Герасимовски, општината поднела иницијативи до надлежните институции, изрекла повеќе парични казни, меѓу кои и максимални во висина од 800.000 денари, а поставени се и мерачи за бучава кои треба да помогнат во следењето на состојбата.

Тој додаде дека општината ќе продолжи со инспекциските контроли и санкционирањето, но оцени дека за трајно решение е потребна многу поголема координација и вклучување на сите институции кои имаат законски надлежности.

Одговарајќи на новинарско прашање, Герасимовски појасни дека Општина Центар издава одобренија за елаборати за животна средина и постапува по пријави за прекумерна бучава, но дел од надлежностите се кај други институции.

Во однос на барањето на жителите за јавен увид во податоците од мерачите на бучава, градоначалникот најави дека тие наскоро ќе бидат интегрирани во ГИС-порталот на Општината.

„Очекуваме во наредните две до три недели системот да биде целосно функционален, по што сите регистрирани корисници ќе можат да имаат увид во измерените вредности“, изјави Герасимовски.

Жителите, пак, остануваат на ставот дека повеќе нема да се задоволуваат само со ветувања и најавија дека, доколку проблемот продолжи, протестите ќе се радикализираат со блокирање на сообраќајници во населбата.

Можете да прочитате

Во Чаир отворено 30. издание на Регионални спортски игри на пензионерите

Делови од Скопје утре без струја

СДСМ: Каде е Лукровски, зошто не поднесува оставка?