
Повеќе од 5.000 корисници на социјална помош и други права од социјална заштита кои имаат сметки во Алта банка ќе добијат можност да ги подигнат своите средства во целост, без да важи воведениот неделен лимит од 10.000 денари. Се прават подготовки исплатата да започне уште утре, објави телевизија Телма.
Според најавите, за овие граѓани ќе биде обезбеден приоритетен пристап до средствата преку посебни шалтери, кои треба да бидат отворени во три града – најпрво во Битола, а потоа и во Скопје и Струмица.
Министерот за социјална политика и демографија, Ѓоко Велковски, потврди дека станува збор за околу 5.000 корисници кои примаат социјална помош или остваруваат други права од системот на социјална заштита.
„Се работи за околу 5.000 корисници на социјална помош и други права од социјална заштита коишто имаат сметки во Алта банка. Тие ќе имаат приоритет при подигнување на средствата и нема да бидат лимитирани, туку ќе можат целиот износ да си го подигнат од отворените шалтери“, изјави Велковски.
Со ова решение треба да се надмине проблемот со кој се соочија дел од најранливите категории граѓани по воведувањето на привремените ограничувања за располагање со парите во Алта банка.
Посебно решение се подготвува и за пензионерите кои немаат платежни картички и поради тоа не можат да ги користат банкоматите за подигнување готовина.
Според информациите на Телма, за нив ќе биде овозможено подигнување до 20.000 денари во една трансакција на шалтер, наместо претходно најавениот неделен лимит од 10.000 денари.
Сепак, најавените поволности не значат целосно укинување на ограничувањата за сите клиенти на банката, туку посебен режим за определени категории граѓани.
Проблемите со пристапот до средствата започнаа откако Народната банка во текот на викендот донесе одлука за воведување привремена администрација во Алта банка АД Битола.
Како дел од заштитните мерки, за физичките лица беше воведен неделен лимит од 10.000 денари за користење средства преку платежните картички, додека експозитурите на банката од 2 ноември привремено престанаа да работат со клиенти.
Новонајавеното отворање на шалтери треба да овозможи пристап до парите за граѓаните кои се најмногу погодени од ограничувањата.
Во меѓувреме, Народната банка информираше дека постои интерес од домашни и странски финансиски институции за Алта банка, што отвора можност за понатамошно решавање на состојбата.
Засега не е соопштен точниот распоред за работа на најавените шалтери, ниту кога ќе започне исплатата во сите три града. Дополнителни информации се очекуваат по завршувањето на организациските подготовки.


