Утрински Весник
Спорт

Мексико ја оправда фаворитската улога и со 2-0 го отвори Мундијалот

Img 7066.jpeg

Мексико со сигурна и убедлива игра го отвори Светското првенство, совладувајќи ја селекцијата на Јужна Африка со 2-0 на преполниот стадион „Ацтека“. Домаќинот уште од самиот почеток го наметна своето темпо, целосно ја контролираше играта и заслужено ги освои првите три бода на Мундијалот.

Фудбалерите на Јужна Африка не успеаја да го покажат потенцијалот што се очекуваше од нив. Освен што тешко создаваа шанси пред противничкиот гол, дополнително си ја отежнаа задачата откако натпреварот го завршија со двајца играчи помалку.


Мексико поведе уште во 9. минута. По голема грешка во одбраната на африканската репрезентација, Кињонес ја искористи подарената можност и рутински ја испрати топката во мрежата за рано водство и ерупција од воодушевување на трибините.

Во второто полувреме ситуацијата дополнително се искомплицира за Јужна Африка. Во 49. минута Ситоле беше исклучен поради прекршок како последен играч во одбраната, оставајќи ја својата репрезентација со десетмина.

Бројчаната предност Мексиканците ја претворија во нов погодок во 67. минута, кога искусниот Раул Хименез со прецизен удар со глава ја зголеми предноста на 2-0 и практично го реши победникот.

Јужна Африка остана и со девет фудбалери во 83. минута, кога Зване заработи директен црвен картон, по што сите надежи за пресврт исчезнаа. Во судиското надополнување и Мексико остана со играч помалку поради црвен картон, но тоа немаше никакво влијание врз конечниот исход.

Со оваа победа Мексико на најдобар можен начин го започна настапот на домашниот Мундијал, додека Јужна Африка ќе мора брзо да ги консолидира редовите доколку сака да остане во трката за пласман во нокаут-фазата.

Можете да прочитате

Американецот Тар постави светски рекорд во 110 метри со пречки

СП 2026: Властите на Мексико ќе распоредат 1.700 полицајци на отворањето

Почнува Светското фудбалско првенство 2026