Утрински Весник
Македонија

Мицкоски: По премиерскиот мандат се враќам на факултет, не во претседателската трка

Img 8337.jpeg

Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, ги демантираше шпекулациите дека неговиот предлог за воведување електронско гласање за дијаспората е поврзан со можна кандидатура за претседател на државата на изборите во 2029 година.

Мицкоски изјави дека нема амбиција да се кандидира за претседател и дека по завршувањето на мандатот како претседател на Владата планира да се врати на академската работа.


„Нема да се кандидирам за претседател на државата. Кога ќе ми заврши мандатот како претседател на Владата, се враќам на факултет меѓу студентите. Немам таква амбиција ниту желба“, изјави Мицкоски.

Премиерот нагласи дека иницијативата за електронско гласање на македонските граѓани во странство има за цел да им овозможи полесно остварување на избирачкото право, а не да служи за негови лични политички планови.

Воедно, тој ги повика Социјалдемократски сојуз на Македонија и Левица да ги поддржат измените на Изборниот законик, посочувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да ги прифати нивните предлози, со исклучок на прашањето за гласањето на дијаспората.

Електронското гласање на иселениците останува една од главните точки на несогласување меѓу политичките партии. Од СДСМ изразија загриженост за можни изборни злоупотреби и оценија дека не се предвидени доволно заштитни механизми за спроведување на електронското гласање.

Од Либерално-демократска партија, пак, сметаат дека доколку се воведе електронско гласање, тоа треба да важи за сите граѓани, односно и за дијаспората и за гласачите во земјата.

Разговорите за измените на Изборниот законик продолжуваат, откако на последната средба на координаторите на пратеничките групи не беше постигнат договор.

Можете да прочитате

Фрлал отпад во Пена, па заврши во полиција – уапсен тетовец

Николовски: Заминува министерот што го урна македонското земјоделство

Д-р Лилјана Ристевска избрана за прва жена претседател на Црвениот крст на Македонија