Утрински Весник
Македонија

Започна оперативната реализација на Акцискиот план за решавање на проблемот со добитокот во Крива Паланка

Kriva palanka.png

Започна оперативната реализација на Акцискиот план за организирано заловување, собирање, ветеринарно-здравствена контрола, транспорт и привремено сместување на говеда одземени со правосилни решенија на подрачјето на Општина Крива Паланка, усвоен на минатата седница на Владата, а во чии рамки, денеска на состанок на Координативниот штаб во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, беа прецизирани конкретните активности и задолженија на вклучените институции.

На состанокот се дефинираа потребните човечки и технички ресурси, организацијата на теренските активности и расположливите логистички капацитети, при што се утврди и план за постапување со конкретни задолженија за секоја од институциите вклучени во процесот.


„Со воспоставувањето на овој механизам на институционална координација создаваме оперативни предуслови за системско и трајно надминување на проблемот со кој се соочуваат жителите на Крива Паланка. Приоритет е заштитата на граѓаните, нивниот имот и земјоделското производство, преку ефикасно спроведување на законските решенија, со истовремено почитување на стандардите за здравствена заштита и благосостојба на животните. Од суштинско значење е секоја институција одговорно и ефективно да го реализира својот дел од преземените обврски”, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски.

Како следен чекор во спроведувањето на Акцискиот план, Координативниот штаб го утврди пристапувањето кон мапирање на локациите на кои е концентриран добитокот, при што сознанијата за неговата бројност и распространетост, како и за пристапноста на локациите, ќе бидат основа за спроведување на следните активности. 

Во однос на згрижувањето и понатамошното располагање со одземениот добиток, во почетната фаза е предвидено животните да бидат примопредадени на Казнено-поправниот дом Идризово и Казнено-поправниот дом Прилеп. Разгледана беше и можноста, во текот на процесот и во согласност со законските прописи, дел од добитокот да биде отстапен на здруженија на сточари и на млади сточари.

Во реализацијата на Акцискиот план се вклучени Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за храна и ветеринарство, Агенцијата за управување со одземен имот, Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и Бирото за процена, чија работа ќе се одвива преку воспоставениот механизам на координација и континуирано следење на реализацијата на преземените задолженија.

Можете да прочитате

ДУИ: Мицкоски измислува непостојни уставни одредби и закони за да го оправда исклучувањето на албанскиот јазик

Нов удар врз семејниот буџет: Од 1 декември поскапува парното греење во Скопје

Сара со модринка на окото дојде во судот да се соочи со Корабоски, обвинетиот не се појави во судницата