Утрински Весник
Македонија

Директор на Државниот инспекторат за земјоделство обвинет за поткуп од 100.000 евра

Img 8346.png

По спроведена истражна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе Обвинителен акт до Основниот кривичен суд Скопје против директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, кој се товари за кривичното дело „Примање поткуп“.

Според обвинението, осомничениот како службено лице во март годинава директно побарал и прибавил значителна имотна корист за себе за да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши.


Обвинителството наведува дека обвинетиот вршел притисок да не биде одобрен увоз на вештачко ѓубриво на компанија која се занимавала со производство и увоз на овој производ, иако претходно повеќепати увезувала ваков вид стока. Тој, според наводите, влијаел и врз фитосанитарен инспектор на граничен премин да не го одобри влезот на пратката во државата, поради што стоката неколку дена била задржана на границата.

На 13 март 2026 година, во Свети Николе, обвинетиот директно побарал поткуп од 100.000 евра за да го одобри конкретниот увоз, како и идните увози на вештачко ѓубриво. Побараниот износ требало да биде исплатен во три рати.

Шест дена подоцна, на 19 март, откако пријавителот преку сведок му ја предал првата рата од 50.000 евра, директорот бил лишен од слобода од полициски службеници при преземањето на парите.

Заедно со Обвинителниот акт, Обвинителството доставило и посебен предлог за продолжување на мерката притвор против обвинетиот, поради постоење на законските основи поради кои претходно му беше определен притвор.

Можете да прочитате

Алиу: Унапредувањето на органодарителството е еден од најуспешно финализираните процеси во здравството

Рударството се наметнува како нов двигател на македонскиот извоз 

Мицкоски: По премиерскиот мандат се враќам на факултет, не во претседателската трка