Утрински Весник
Скопје

Две нови катни гаражи и повеќе места за паркирање на Клиничкиот центар

Klinika.banskoliev 6.jpg

Министерот за здравство Арбен Таравари вечерва изјави дека Владата донела одлука со јавно-приватно партнерство во кругот на Клиничкиот центар во Скопје да се изградат две монтажни катни гаражи за да се надмине проблемот со паркирањето. За ова, вели тој, е изработена физибилити студија и ќе се обезбедат тројно повеќе места за паркирање.

-Монтажни катни гаражи и повеќе организирани паркинг места коишто ќе бидат со приватен партнер. Тие ќе ги наплаќаат билетите, нормално саатница како и секаде, а пациентите и докторите кои што работат таму ќе имаат паркинг места отколку што има сега, рече Таравари во Тема на денот на ТВ Сител.

Министерот, кој денеска беше во посета на Клиниката за онкологија, рече дека се разговарало барем дел од пациентите терапијата да ја примаат во „8 Септември“, во Тетово и во Битола.

– Да видиме некако да не доаѓаат преголем број на пациенти во Скопје бидејќи и таму капацитетите на онкологија се ограничени. И добив информација која што е страшна. Ќе треба да седнам со министерката за финансии пред првиот ребаланс на Буџет. Ни недостасуваат огромен број на сестри, зборам за онкологија, техничари радиолози, физичари и доктори, да видиме во понеделник ќе седнам и со деканот на Медицински факултет да нправиме некаква стратегија за специјализации, рече Таравари.

Министерот најави дека ќе биде покрената иницијатива за одговорност за тоа зошто набавените акцелератори во „8 Септември“ во Скопје и во штипската болница не се користат.

-Апсолутно, мораме да побараме, ако не побараме тогаш и ние сме криви. Да видиме да се покрене одредена иницијатива. Како ќе заврши јас тоа не знам и не би сакал да зборам, рече Таравари.

Министерот денеска бил и во посета на Институтот за патологија, каде, како што кажа, има само 11 патолози и затоа толку доцнат резултатите.

– Низ цела држава има со 40 патолози, што е премала бројка, рече Таравари и додаде дека мора да се најде начин да се мотивираат штотуку дипломираните доктори да специјализираат на радиологија, на онкологија на пример.

Потврди дека се размислува за зголемување на платите на лекарите, но вели дека тоа не е само добра волја на министерот. Најави постепено зголемување на платите.

Министерот за здравство истакна дека следната недела измените на законот за здравство со кои се укинуваат економските директори ќе оди во Собрание, за две до три недели ќе се отпатува во Словенија за да се види искуството со спојување на нивниот Клинички центар, а исто така за две до три недели ќе биде објавена и новата позитивната листа на лекови, која ќе се обновува секоја година.

Можете да прочитате

Герасимовски: Стравувањето со вандализмот бара законски измени кои ќе ги предложиме до ЗЕЛС

Пакомак нуди на свој трошок да ги празни сите контејнери за селективен отпад од пакување на територијата на Град Скопје

Без вода утре делови од едба скопска општина