Утрински Весник
Свет

Најмалку четири лица загинаа во железничката несреќа во Египет

Image 2026 11 08 200032558.png

Најмалку четири лица загинаа, а 88 беа повредени денеска кога четири вагони од патнички воз излетаа од шините во близина на селото Герза во египетската покраина Гиза при судар со друг воз, во близина на Каиро, соопшти египетското Министерство за здравство.

Локалните медиуми претходно јавија дека 120 луѓе се повредени, без да ја наведат тежината на нивните повреди, пренесува Араб њуз. Некои медиуми во Египет објавија дека бројот на повредените е поголем од 150.


Несреќата се случила во областа Ал Ајат, по што на местото на инцидентот беа упатени 50 амбулантни возила, екипи на цивилната заштита и безбедносни сили, пренесува Галф њуз.

Повредените се пренесени во блиските болници во покраината Бени Суеф, додека болниците во Гиза се ставени во состојба на подготвеност за да можат да згрижат повредени. Како што јави претходно Ал Арабија, машиновозачот им подлегнал на повредите.

Министерството за здравство првично на местото на несреќата испрати 20 амбулантни возила, но нивниот број беше зголемен на 50 откако стана јасно дека бројот на повредените е поголем од првичните проценки.

Екипите на цивилната заштита, безбедносните сили и брзата помош излегоа на местото на несреќата, а ангажирани се и дигалки за отстранување на вагоните кои излетаа од шините и за расчиствување на пругата.

Египетското обвинителство покрена истрага за причините за несреќата и ѝ наложи на полицијата да ги спроведе потребните проверки и да ги испита сведоците и повредените патници. Околностите под кои се случи несреќата сè уште се утврдуваат, а железничкиот сообраќај во тој регион е во прекин.

Претседателот на Египет, Абдел Фатах ел-Сиси, изјави дека со „голема загриженост“ ја следи несреќата и им наложи на надлежните да спроведат итна истрага за да „одговараат сите за кои ќе се утврди дека биле невнимателни“.

Околу 110 милиони жители на Египет во голема мера зависат од железничкиот сообраќај, но на железничката мрежа, една од најголемите во Африка, изминативе години се случија низа смртоносни несреќи.

Египет во текот на изминатата деценија вложи милијарди долари во модернизација на сообраќајната инфраструктура, вклучувајќи изградба на нови автопатишта и пруги за возови со голема брзина, но голем дел од застарената железничка мрежа сè уште не е модернизиран.

Во пожарот кој во 2002 година избувна во воз со патници кои патуваа на одмор јужно од Каиро загинаа повеќе од 370 луѓе. Во неколку железнички несреќи што се случија во таа област во 2009 година загинаа повеќе десетици луѓе.

Можете да прочитате

Ајзенкот доби мандат за формирање нова израелска влада

Европјаните ќе се приклучат на преговорите за Украина во Абу Даби

Активист се качи на јарболот пред Рајхстагот и постави палестинско знаме