
„Државата, односно државната компанија Државна лотарија треба да има монопол и само таа да приредува интернет игри на среќа“. Со оваа директна и скандалозна изјава на директорот на Државната лотарија, Александар Климовски, дадена во Собранието на јавната расправа, дефинитивно паднаа во вода сите лажни оправдувања за новиот Предлог-закон за игрите на среќа. Признанието дека крајната цел е бришење на конкуренцијата и воспоставување апсолутен државен монопол јасно потврди дека овој закон нема никаква врска со заштита на младите или просторна регулација. Напротив, ова е брутален обид за насилно затворање на легалниот приватен сектор и преземање на контролата и профитот од страна на поединци на власта.
Ова самопризнание отвора сериозен уставен и правен скандал. Како може државата истовремено да биде законодавец кој ги диктира правилата на игра и фаворизиран натпреварувач кој си ги крои законите исклучиво за сопствен профит? Климовски дрско порача дека „не треба да се гледа само процентот од 15 наспроти 23“, обидувајќи се да ја релативизира неуставната даночна дискриминација. Со законот, на државната лотарија ѝ се дава повластен данок, додека приватните компании се оптоваруваат со енормни стапки и дополнителни фиксни давачки од илјадници евра, со единствена цел финансиски да бидат уништени. Ваквото грубо газење на слободниот пазар и на уставно загарантираната еднаквост на економските субјекти е директен повик за итна интервенција на Уставниот суд.
Дополнително, обидот на Климовски да се затскрие зад европската пракса е класично извртување на фактите. Тој се повика на пресуди од Судот на правдата на ЕУ, тврдејќи дека монополите се дозволени заради заштита на потрошувачите и борба против зависноста. Но, веднаш потоа самиот се поби, гордо истакнувајќи го „континуираниот раст на прометот и приходите“ на Државната лотарија. Да правиш монопол под изговор дека ги штитиш граѓаните, а истовремено да се фалиш со зголемен промет од нивните уплати, не е европска вредност, туку врвно лицемерие.
Во трката за монопол, предлагачите на законот свесно газат преку судбините на граѓаните. Желбата да се затвори легалниот приватен сектор значи директно бркање на 10.000 работници на улица. Тоа се 10.000 семејства кои преку ноќ ќе останат без егзистенција, само за да се исчисти теренот за државната лотарија. Ветувањето дека „игрите ќе се тргнат од телефоните“ се покажа како најобична лага. Игрите нема да се тргнат, туку само ќе се промени сопственикот на платформите и од приватни и строго регулирани компании, пазарот ќе биде предаден во рацете на еден државен монопол.
Економската логика на директорот на лотаријата дека преку монополот парите ќе останеле во државата, а не кај странски компании, е уште една опасна илузија. Приватниот лиценциран сектор секоја година полни над 350 милиони евра во државниот буџет, исплаќа плати за 10.000 граѓани и плаќа кирии низ целата земја. Ако овој сектор биде уништен и затворен, македонските играчи нема да престанат да играат. Тие само ќе ги побараат своите игри на стотици нелегални, диви странски сајтови на црниот пазар. Токму таму државата нема никаква контрола врз заштитата на малолетниците, и токму таму стотици милиони евра вистински ќе се одлеат во странство без во буџетот да влезе ниту еден единствен денар данок.
Предлог-законот за игри на среќа е флагрантно кршење на Уставот и обид за легализирање на државен грабеж врз еден цел бизнис сектор. По отвореното признание во Собранието дека се работи за свесно создавање монопол, на потег се пратениците, но пред сè највисоките правни инстанци. Уставниот суд не смее да остане нем пред закон кој ја уништува правната држава, воведува нелојална конкуренција и свесно жртвува 10.000 работници заради нечии монополистички апетити.

