Утрински Весник
Македонија

АПИС против дистанцата од 500 метри од училишта од обложувачниците

Sportska oblozuvalnica 640x428 1.jpg

Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа — АПИС, излезе со писмен став за новиот Предлог-закон за игри на среќа, во кој нагласува дека заштитата на младите од можната зависност од коцкање е нивен приоритет, но предупредува дека дел од предложените решенија може да имаат сериозни економски и правни последици.

Од АПИС велат дека нивните членки водат постојана кампања за подигнување на јавната свест под мотото „Забрането за малолетни лица – 100 % законски“. Во тој контекст, за нив се прифатливи одредбите со кои се предвидува минимизирање на светлечките реклами на објектите и забрана за рекламирање промотивни содржини од 6 до 22 часот.


Но, Асоцијацијата остро се противи на повторното воведување дистанца од 500 метри меѓу објектите за игри на среќа и училиштата. Според нив, ова решение е дискриминаторско, уставно спорно и практично неизводливо без затворање на голем дел од легалните објекти.

„Дистанцата на одреден бизнис е дискриминаторска и уставно-спорна одредба. Со темелните вредности на македонскиот Устав се предвидува слобода на пазарот и претприемништвото“, наведуваат од АПИС.

Од Асоцијацијата тврдат дека мерката во пракса би значела затворање на легалните објекти за игри на среќа, особено во општини каде училиштата се густо распоредени. Како пример ја посочуваат изјавата на градоначалникот на Чаир, според која во таа општина, поради близината на училиштата, можеби не би останал ниту еден објект за игри на среќа.

АПИС смета дека предложената дистанца не е доследна мерка за заштита на младите, бидејќи државата истовремено го задржува правото да организира интернет игри на среќа. Според нив, младите преку мобилни уреди можат да пристапуваат до онлајн содржини од која било локација, па физичката оддалеченост на објектите нема рационален ефект.

„Дистанцата не само што не е решение, туку ќе создаде хаос во општеството“, предупредуваат од АПИС.

Од таму наведуваат дека затворањето на легалните објекти би можело да поттикне нелегални игри на среќа, како што, според нив, се случило во Албанија. Тврдат дека тоа би значело загуба на најмалку 350 милиони евра годишен прилив во државниот буџет, како и ризик за околу 10.000 директни работни места и десетици илјади други работни места што индиректно зависат од секторот.

АПИС бара Собранието да организира јавна расправа пред продолжување на постапката за носење на законот.

„Без јавна расправа, без да се чуе мислењето на експертската јавност, секое продолжување на постапката за носење на овој Предлог-закон за игри на среќа ќе биде штетен преседан кој ќе предизвика тешки правно-финансиски последици“, велат од Асоцијацијата.

Од АПИС додаваат дека приредувачите на игри на среќа имаат право нивниот глас да биде слушнат и дека нема да дозволат, како што наведуваат, од дневнополитички причини да се разгради актуелниот систем, кој според нив е еден од најстрого регулираните во регионот.

Можете да прочитате

Уапсен возачот кој вчера во Скопје со возило удри во 13-годишен велосипедист

„Арс Ламина” го распиша конкурсот „Читањето е супермоќ” за суперчитатели од основните училишта

СВР Битола со апел: Внимавајте на пријави за лажни сообраќајки