
Пишува: Мирослав Трлин, дипломиран економист во пензија
Постои една стара реченица што одамна сум ја слушнал, а која и денес звучи болно актуелно: „Едно мислат, друго зборуваат, а трето работат.“
Не е тоа гатанка, туку можеби најточниот опис на политичката култура што со децении се создава во Македонија. Култура во која принципите важат само додека не се дојде до власт, законите се толкуваат според моменталниот интерес, а институциите, наместо да му служат на системот, почнуваат да им служат на поединци.
И токму тука почнува најголемиот проблем. Не кога политичарот ќе погреши, бидејќи грешки прават сите, туку кога ќе се создаде чувство дека за „моќните“ законите не важат подеднакво како за обичниот човек. Кога граѓаните ќе почнат да гледаат дека постојат едни правила за народот и други за функционерите. Не двојни, туку тројни аршини.
Тогаш државата полека престанува да биде правен поредок, а почнува да личи на систем на привилегии, влијанија и лични договори. Формално законите постојат, но практично сè повеќе почнуваат да владеат непишаните правила — кој со кого е близок, кој кому му должи услуга и кој има политичка заштита.
Во една моја претходна колумна пишував дека Македонија одамна живее помеѓу пишани и непишани закони. За жал, сè почесто впечатокот е дека овие вторите стануваат посилни од првите. А кога непишаните правила ќе станат поважни од законите, тогаш институциите ја губат својата суштина, а граѓаните ја губат довербата во државата.
Не е проблемот само во законите, туку и во односот кон нив. Историјата памети државници кои функцијата ја разбирале како служба, а не како привилегија. Во времето на Charles de Gaulle во Франција постоело јасно правило: државното не смее да се користи за приватни потреби. Дури и трошоците што не биле поврзани со државничките обврски, семејството Де Гол ги плаќало од сопствен џеб. Не затоа што не можеле поинаку, туку затоа што сметале дека власта не му дава на човекот право да ја присвои државата.
Тоа денес звучи речиси неверојатно, особено во општества во кои дел од политичарите почнуваат да се однесуваат како државата да е нивна лична сопственост. Токму таму почнува разликата помеѓу државник и функционер. Едниот ја сфаќа функцијата како должност, другиот како привилегија.
Историјата одамна покажала дека секоја власт која ќе почне да се доживува себеси како држава, порано или подоцна завршува во самобендисаност и отуѓување од народот. Не случајно и денес се памети изреката „L’État, c’est moi“ — „Државата, тоа сум јас“, поврзана со Louis XIV. Во такви системи власта не се гледа како обврска, туку како привилегија; не како одговорност, туку како право да се биде над правилата.
Најтешката последица од таквото однесување не е само политичката криза. Последиците се многу подлабоки: недоверба, страв, апатија, поделби и масовно иселување. Бидејќи човек може да издржи и сиромаштија, и криза, и тешки времиња, но тешко може да живее во општество во кое однапред чувствува дека правдата не важи за сите подеднакво.
Затоа денес најважното прашање не е која партија е на власт, туку дали државата конечно ќе почне да функционира по јасни правила и критериуми. Дали институциите ќе бидат посилни од поединците. Дали знаењето, способноста и чесноста ќе станат поважни од партиската припадност, врските и послушноста.
Ниту една држава не може да оди напред ако најспособните се оттурнати, а најпослушните наградени. Не може да има развој таму каде што квалитетот е помалку важен од политичката подобност.
Затоа промените никогаш не почнуваат од кабинетите, туку од свеста на граѓаните. Од моментот кога мнозинството ќе одбие да ја прифати неправдата како нормална состојба. Кога ќе се побара систем во кој секоја коцка ќе си го заземе своето место според знаење, способност и резултати, а не според блискост до центрите на моќ.
Само така Македонија може да стане правна и функционална држава. Држава во која законите нема да бидат украс на хартија, туку правила што важат за сите И држава во која политичарите конечно ќе мора да научат дека не е доволно едно да мислат, друго да зборуваат, а трето да работат.

