
Охрид деновиве е домаќин на 10-тиот Регионален симпозиум на лаборатории за нафта и нафтени деривати, настан што ги обедини експертите, лабораториите, институциите и компаниите од енергетскиот сектор од повеќе земји од регионот.
На симпозиумот, кој се одржува со поддршка на ОКТА АД – Скопје, учествуваат повеќе од 70 претставници од Северна Македонија, Грција, Бугарија, Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина и други земји. Главниот фокус е ставен на размена на искуства, нови технологии, лабораториски анализи, контрола на квалитетот и европски стандарди во нафтената индустрија.
Јубилејното десетто издание, според организаторите, претставува потврда дека симпозиумот прераснува во важна регионална платформа за професионална комуникација и соработка меѓу институциите и компаниите од секторот.
Главниот извршен директор на ОКТА, Димитриос Пасхос, истакна дека поддршката на вакви иницијативи е дел од долгорочната стратегија на компанијата.
„За ОКТА, поддршката на платформи како овој Симпозиум претставува инвестиција во знаење, соработка и регионално поврзување. Размената на искуства и добри практики е од исклучително значење за понатамошниот развој на секторот и за обезбедување највисоки стандарди за квалитет и безбедност“, изјави Пасхос.
Тој додаде дека ОКТА одамна ја надминува улогата на најголем снабдувач на домашниот пазар и постепено се развива во регионален енергетски центар, каде професионалните партнерства и модернизацијата имаат клучна улога.
Од организацискиот комитет нагласија дека во услови на сè построги регулативи и технолошки промени, ваквите стручни собири стануваат неопходни за унапредување на сигурноста и квалитетот во целиот синџир на снабдување со горива.
Симпозиумот официјално го отвори градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, а преку видео обраќање учесниците ги поздрави и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Соња Божиновска. Таа ја потенцираше важноста на лабораториите и модернизацијата на системите за контрола на квалитетот на горивата, како и потребата од усогласување со европските стандарди.
Во рамки на настанот беше посочено и значењето на дигитализацијата и модернизацијата на лабораториските капацитети. Како пример беше издвоена лабораторијата на ОКТА, која неодамна ја модернизираше опремата за тестирање и останува една од најсовремените лаборатории од ваков тип во регионот.
Лабораторијата на ОКТА е првата акредитирана лабораторија за контрола на квалитет на горива во земјата и работи според европски и американски стандарди. Освен за потребите на компанијата, таа врши анализи и за други институции, компании и увозници од земјата и регионот.
Учесниците оценија дека иднината на секторот ќе зависи од уште поголема регионална соработка, размена на знаење и воведување нови технологии кои ќе обезбедат повисок квалитет, безбедност и заштита на животната средина.


