Утрински Весник
Македонија

Анализа: Поддршка од надворешен фактор и искрен дијалог на двете страни, предуслови за промена на бугарските позиции за уставните измени

20250119112702 Big 730x400 5.webp.webp

Поддршка од надворешен фактор, пред се ЕУ и САД, но и подготвеност за соработка и искрен политички дијалог од двете страни се потребни за одблокирање на европскиот пат на земјава и прифаќање на уставни измени со одложено дејство. Амбасадорите Ѓорѓи Филипов и Васко Нумовски во анализа за МИА ги изнесоа своите ставови за можна промена на позициите на Софија по изборот на новата бугарска Влада, како и за можното прифаќање на уставни измени со одложено дејство, како компромисно решение. 

На прашањето колку со изборот на политичка влада во Софија како легитимен соговорник, се реални очекувањата на Скопје за постигнување на посакуваното решение за уставните измени со одложено дејство како прифатлив компромис кој ќе овозможи одблокирање и предвидливост на нашиот европски пат, двајцата аналитичари со различна диоптрија.


Филипов смета дека Владата засега опстојува на тој став зашто е ветен во предизборниот процес и затоа што очекуваше промена на распоредот на структурата на новиот парламент и мнозинскиот дел од мозаикот кој ќе ја претставува новата власт,  која треба да биде стабилна на долги патеки и која уште пред да ја преземе власта ќе можеше (тајно) ако не јавно, да договори отстапки од претходниот усвоен став на бугарскиот парламент дека без внесување на бугарското малцинство во македонскиот Устав – нема да се дозволи продолжување на преговорите на Северна Македонија во ниту еден кластер.

-Нашата влада сега има партнер од другата страна, но сѐ уште е рано да се каже колку е тој партнер расположен да разговара воопшто на таа тема и под какви предуслови ќе биде изразена таа согласност. Бугарската страна го има браникот наречен „ЕУ предуслов за продолжување на преговорите“ и тој се повторува од секој претставник на ЕУ како да е вметнат одговор на тоа прашање во меморијата на некој робот со вградена вештачка интелигенција, којшто за да одговори поинаку ќе треба да биде репрограмиран од Главниот Програмер, Европскиот Совет на претставници на влади на земјите членки на ЕУ, сите до една, значи и Бугарија. Во досегашните изјави не препознаваме подготвеност за тоа, но дека е можно, можно е. Некој многу значаен надворешно – политички, економски или воен фактор можеби може да го промени ставот на бугарската влада, па затоа би било многу убаво и за регионот и за натамошниот развој на ЕУ се до нејзино потполно оформување во политичко, економска и географска смисла, такво нешто да се случи. Досегашното искуство зборува дека шансите се многу мали, од причини што и во самата ЕУ постојат земји со ниска емпатиска зрелост и државничка емоционална интелигенција да се повикаат на принципот „не им го правете она нешто на другите, што не би сакале вам да ви се прави”, вели Филипов.

Наумовски посочува дека во составот на новата политичка влада, која ќе биде соговорник на нашата Влада, влeгуваат партии кои што во минатото искажуваа прилично нефлексибилни и ригидни ставови за прашањето со Македонија. Но, сепак, вели, доминантниот партнер во оваа Влада од која што доаѓаат и премиерот и министерот за надворешни работи е партијата ГЕРБ  на поранешниот премиер Борисов, која што е сестринска партија на нашата владејачка ВМРО-ДПМНЕ во рамките на ЕПП, и меѓу раководствата на двете партии веќе има воспоставено некаква комуникација на европско ниво, што оценува, би придонело за создавање подобра атмофера во контекст на изнаоѓањето решение. 

-Кога се работи за држави чии што влади се предводени од партиите на семејството на Европската народна партија (ЕПП), можно е и останатите членки на оваа партија, особено оние кои што се на власт во нивните држави – членки на ЕУ, да ги охрабрат двете страни да дојдат до некаков напредок. Првичните најави од нашата Влада се дека ќе се обидат да воспостават подобра комуникација, да се создаде една подобра атмосфера, и добро е што иницијативата доаѓа од наша страна што придонесува и за подобра перцепција на нашите позиции пред европските партнери. Да не заборавиме дека токму гласовите на пратениците на партијата на поранешниот премиер Борисов беа клучни во изгласувањето на онаа последна декларација на Бугарското собрание која беше прилично пофлексибилна споредено со претходните декларации кои беа усвоени во оваа институција. И оттаму сметам дека една политичка Влада, иако е на некој начин создадена од повеќе партии кои се наоѓаат на спротивните страни од политичкиот спектар, сепак е предводена од партијата ГЕРБ, би можела да придонесе за создавање на една подобра атмосфера во која што ќе го бараме решението, смета Наумовски.

На прашањето како власта ќе успее да ја натера новата Влада во Софија одново да преговара за условите за ЕУ, односно кој би бил мотивот да прифатат одложена примена на уставните измени и да дадат гаранции дека нема да има нови блокади поради историски и други прашања, за Филипов тоа не е можно без поддршка од надворешен фактор и без подготвеност за соработка од двете страни. 

-Без поттик од надворешен фактор и без подготвеност за соработка, создавање на позиција во која двете страни ќе сфатат дека егзистираат во една реална многу тешка ситуација во Европа – пред нејзини граници се водат војни, пред нејзините граници се маса емигранти кои не бираат начин и средства како да влезат во ЕУ, на најблискиот Исток беснее војна, ЕУ и Македонија се наоѓа во економска, финансиска и политичка криза, кај низа истакнати и водечки нејзини членки – нема да настане промена на ставовите. Примерот од Договорот во Грција е релевантен доказ што значи меѓународна помош во таквата ситуација, кога Советот за безбедност на ОН со неговиот претставник и трет потписник на Договорот претставуваше гаранција дека нема да има други блокади за членството на Северна Македонија во НАТО, подвлекува амбасадорот Филипов. 

Воедно, Филипов додава дека историските и другите прашања од историски и етнолошки, лингвистички или црковен карактер се прашања на кои одговорите ќе се бараат во подолг временски период и тие, вели, не треба да се пречка и некаков услов за продолжување на преговорите, како што не беа, нагласува тој, ниту во случајот на Договорот од Преспа.

Амбасадорот Наумовски, се согласува со амбасадорот Филипов дека за репреговарање на условот за уставните измени и добивање гаранции како заштита од можни нови непринципиелни вета, е неопходна надворешна поддршка, како и подготвеност на дијалог од двете страни.  

-Решението треба да се бара на две нивоа – првото ниво е со поддршката од страна на сојузниците од ЕУ, како и со евентуална поддршка од новата администрација на САД, и второто ниво е, вели, во еден директен дијалог со соседна Бугарија и новата Влада таму, знаејќи дека на крајот секое решение треба да биде усогласено најпрво од двете страни во овој спор, вели Наумовски кој е поранешен вицепремиер за европски прашања и некогашен амбасадор во САД. 

Во однос на потребните гаранции Наумовски смета дека најдобрата гаранција за одржливоста на едно решение ќе биде создавањето и опстојувањето на една добрососедска атмосфера, која што нема да биде едноставен процес и за која што, вели, „ќе биде потребна една искрена политичка волја и од Македонија и од Бугарија, и на некој начин, еден обид за помирување на двете општества и ставање зад нас на сите несогласувања“, иако вели, не е оптимист дека во блиска иднина ЕУ ќе најде начин да спречи злоупотреба на правото на вето од теснонационални интереси. 

-Доколку имаме една таква атмосфера тоа ќе биде најдобрата гаранција дека Бугарија понатаму нема да не блокира. Самата ЕУ и процесот на проширување нема решение за случаите кога една држава – членка блокира држава – кандидат, и за жал, ЕУ нема инструмент како да оневозможи користење на правото на вето од страна на држава членка кога се работи за билатерални прашања со држава – кандидат, и со тоа се попречува процесот на проширување. Не би бил голем оптимист дека во блиска иднина ЕУ ќе најде начин да го превенира ова користење или злоупотреба на правото на вето заради теснонационални интереси. Но, сепак, доколку ние имаме едно чисто досие со соодветно спроведување на реформите во текот на самите преговори и исполнување на сите оние критериуми за отворање и затворање на поглавјата, сметам дека ќе биде потешко, но не и невозможно за останатите држави повторно да го употребат правото на вето. Во текот на самите преговори сметам дека ние ќе треба да продолжиме да создаваме дополнителни мостови на соработка со соседна Бугарија и Бугарија на некој начин од држава којашто ќе не блокира, да успееме да направиме држава која што ќе биде наш поддржувач на патот кон ЕУ, онака како што декларативно се изјаснуваат сите политичари таму. Сметам дека е и во корист на Бугарија Македонија брзо да напредува кон полноправното членство, и конечно Бугарија на нејзината западна страна да има уште една членка на ЕУ, истакнува Наумовски.

Во однос на пораките од ЕК, но и од земји членки на Унијата дека земјава треба да го искористи моментумот на наклонетост кон процесот на проширување и да ги направи очекуваните измени на Уставот за да почне со отворање на кластерите, Филипов и Наумовски со различни гледишта. 

– Да, моментумот треба да се искористи, како, постојат варијации на таа тема и треба сите да се земат предвид, дециден е Филипов, кој беше амбасадор на Македонија во Германија и Австрија.

Наумовски пак смета дека Владата не треба да избрзува, оти, вели, целосната стабилизација на Балканот и неговата интеграција во ЕУ е од исклучителна важност и за стабилноста на ЕУ и нејзиното соседство. 

-Секогаш е добро да се направат тие чекори побрзо, меѓутоа треба да се биде внимателен со затворањето на еден проблем да не се отвори поголем проблем, односно да не се прифатат од наша страна определени услови, а без при тоа да бидеме сигурни дека тоа ќе бидат последните услови што ќе бидат зададени кон нас, имајќи ги предвид сите оние случувања во билатералниот спор со Грција, како и во некои други процеси, логично е нашата Влада да е скептична во однос на прифаќањето на сите оние услови кои што доаѓаат од ЕУ и нејзините држави членки без при тоа да се обезбеди некаква гаранција дека тоа ќе бидат последните услови кон нас, подвлекува амбасадорот Наумовски.

Бугарското собрание на 16 јануари ја избра новата Влада што ќе ја предводи премиерот Росен Жељазков. Во новиот владин кабинет, коалицијата ГЕРБ-СДС има 11 министри, БСП – Обединета левичарска партија пет, а Има таков народ четворица. ДПС – ДПС иако ја поддржа, нема да партиципира во новата Влада. 

Министер за надворешни работи во Владата на Жељазков е Георг Георгиев од партијата ГЕРБ на Бојко Борисов. Георгиев беше заменик-министер за надворешни работи од ноември 2014 година до јануари 2017 година, во време кога бугарската дипломатија ја водеше Екатерина Захариева.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во телефонски разговор со новиот шеф на бугарската дипломатија, Георгиев му честиташе за назначувањето на функцијата и ја изразил решеноста за јакнење на партнерството и  унапредување на соработката за заеднички придонес на регионалната стабилност и заеднички напредок. 

Можете да прочитате

(Во живо) Новата епизода на поткаст ЗРАК со д-р Марина

СЛЕДНИОТ ВИКЕНД ПРОБИВА ПОТОПЛА ВОЗДУШНА МАСА ОД ЈУГ КОН МАКЕДОНИЈА: Температури и над 15 степени, сепак, температурна инверзија ќе има!

Муртезани во Киев: Македонија поддржува решенија за мир и стабилност преку заеднички напори со стратешките партнери