Утрински Весник
Македонија

Одбиено барањето за изземање на судијка поротничка, предметот за 13 полицајци од Кочани оди на главна расправа

Diskoteka Puls Pozar Kocani 22.jpg

Со одлука за одржување главна, јавна и усна расправа, денеска заврши подготвителното рочиште во Основниот кривичен суд против 13-те полициски службеници и началници од ОВР Кочани и СВР Штип, кои се товарат за загрозување на општата безбедност и сигурност во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“.

На почетокот на рочиштето беше констатирано дека една од судијките поротнички е во роднинска врска со сопругата на еден од обвинетите. Судот го одби барањето за изземање на судијката Лидија Петровска, со образложение дека таа нема интензивна комуникација со обвинетите.


Обвинителството потенцираше дека во целост останува кон поднесеното обвинение. Судот достави консолидирана листа на докази до застапниците на обвинението, а одбраната приложи дополнувања на својата листа на докази.

На прашањето од судот за тоа дали е спорно времето и местото на случувањето на настанот, одбраната на обвинетите Дејан Салтировски, Ванчо Ѓорѓиевски, Стојанчо Филипов и Марјан Радевски истакна „за нас целото обвинение е спорно и не можеме да кажеме и да се произнесеме на одредени околности“.

Дел од одбраната истакна и дека паралелната кривична постапка што се води во предметот во Идризово претставува сериозна процесна пречка и суштинско претходно прашање, имајќи ја предвид природата на делото што им се става на товар на обвинетите. Воедно, одбраната отвори и прашања во однос на тоа кои факти судот ќе ги смета за спорни или неспорни, како и кои од доказите предложени од Обвинителството треба да бидат задржани и презентирани.

Во однос на доказната постапка, дел од одбраната побара изведување на сите докази редоследно како што се наведени од страна на Јавното обвинителство, додека други бранители побараа да не се изведуваат сите предложени докази.

По ова, судот донесе решение постапката да продолжи со главна, јавна и усна расправа.

– Со оглед на тоа што очекував рочиштето да биде многу поконструктивно и за многу други околности остана од вашите наводи, може да продолжиме со рочиште за главна расправа бидејќи ги имате примено доказите од обвинителството – посочи претседателката на судечкиот совет.

Во овој предмет обвинети се заменик-началникот на полицијата Дејан Салтировски, Ванчо Георгиевски, вишиот инспектор Марија Маневска, инспекторот за недозволена трговија со дрога Томо Донев, инспекторот за прифат и сменоводител во ОВР Кочани Драган Петрушев, водичот на безбедносен сектор Кире Богатинов, како и Стојанче Филипов, Благица Митева, Кристина Николова, Мазлу Рамаданов, Дарко Милошевски, Мартин Арсовски и Марјан Радевски.

Според наводите во предметот, на 16 март обвинетите биле дежурни, но истовремено биле и ангажирани во дискотеката. На критичната ноќ кога избувнал пожарот, полициските службеници ниту ја прекинале забавата, ниту спречиле активирање на пиротехниката.

Обвинението во судската постапка го застапува обвинителката Спасенка Андонова, од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Можете да прочитате

Обвинителството бара преиспитување на ослободителната пресуда за таткото на Вања пред Апелација

ЛДП: Итно формирање на комисија за штети за замрзнатите овошки во Преспанскиот регион

Лафчиски во официјална посета на Вооружените сили на Република Албанија