
Поранешниот градоначалник на Општина Карпош Стевче Јакимовски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ направи споредба меѓу состојбата во општината кога првпат ја презел функцијата во 2000 година и денешната организација на локалната самоуправа, оценувајќи дека неговите наследници добиле целосно уреден систем кој може да функционира без поголеми потешкотии.
Јакимовски се потсети на, како што рече, тешките услови во кои ја презел општината, кога многу населби немале основна инфраструктура.
„Замислете го Карпош во 2000-та година. Секое ‘Маврово’, секое ‘Влае’ пливаше во вода. Немаше канализација во Бардовци, во Нерези, во високите делови на Козле. Денес, канализација има секаде, улиците се реконструирани, а општината ја оставив со 1.200.000 евра на сметка и без никаков долг. Денес да одиш на работа во Карпош е како со хармоникаш позади тебе – со песна“, изјави Јакимовски.
Тој нагласи дека најголемиот дел од неговиот мандат го поминал во политички неповолни услови, бидејќи, како што рече, дури 13 од вкупно 16 години бил во опозиција и на централната власт и на градската власт во Скопје.
Според него, токму тогаш се гледаат вистинските способности на еден градоначалник.
„Ако немаш менаџерски квалитети, кога власта е контра тебе, ќе бидеш како хипнотизиран. Мојот успех и четирите меѓународни награди не се резултат на пропаганда, туку на работа во тешки услови“, рече тој.
Јакимовски оцени дека денес Карпош е институционално стабилизирана општина со професионализирана администрација и добро организирани служби, особено во делот на финансиите и јавните набавки.
„Општината денес е укалапена во законски рамки и има обучени служби. Администрацијата е поставена така што може да функционира на автоматски пилот“, посочи поранешниот градоначалник.
Во разговорот се осврна и на социјалниот притисок со кој, како што рече, порано секојдневно се соочувал.

„Порано дневно ми доаѓаа по неколку луѓе кои ме молеа за работа на своите деца, кажувајќи дека сум им последна надеж. Сето тоа го преживував во себе. Денес, таа функција е многу порелаксирана“, заклучи Јакимовски.


