Утрински Весник
Македонија

Димитријевиќ: Скандалозно е премиер да се слуша и да му сугерира на обвинителот како да постапува

Sasha sdsm.jpeg

Скандалозно е премиер на држава да излезе на телевизија и да кажува како се слуша со јавниот обвинител и го прашува до каде е истрагата, нагласи генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, во вечерашното интервју во „Тема на денот” на телевизија Сител. 

Димитријевиќ посочи дека обвинителството и судството мора независно да си ја работат работата и недозволиво е функционери на ВМРО да се обидуваат да го оправдаат однесувањето на премиерот и да ја претстават таквата комуникација како нормална.


„Скандалозно е премиер на една држава, една ваква држава во која што има јасно определена власт, да излегува на телевизии и да кажува како се слуша со јавниот обвинител и го прашува до каде е истрагата, па згора на тоа и јавниот обвинител го потврдува тоа и вели: ‘Да, се слушнавме со премиерот, разговаравме’. Сега гледаме една плејада на функционери, портпаролката Митева, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кои што се обидуваат да го оправдаат премиерот и да ни објаснат дека е нормално премиерот да разговара со обвинителот и да се интересира за истрагите и да прашува до каде се и да сугерира како да се одвиваат”, рече Димитријевиќ.

Тој додаде дека ваквите постапки стануваат пракса во државата, а сомнежите за влијание врз обвинителството се потврдија уште со изборот на јавниот обвинител.

„Скандалозно е премиер на држава да излезе и да каже дека телефонски разговарал со обвинител и се интересирал и си договарале, разговарале за детали. Со самиот избор на јавниот обвинител, самото тоа што е предлог на Мицкоски, тогаш изразивме сомнежи и тоа се потврди”, рече Димитријевиќ.

Во интервјуто, Димитријевиќ укажа дека постојат повеќе случаи и скандали кои, како што кажа, останале без разрешница, а премиерот во повеќе наврати јавно му сугерира на обвинителството како да постапува.

„Не е прв пат премиерот да му кажува на обвинителот што да прави. Го слушнавме и од собраниската говорница како му кажуваше што да прави. Потоа, премиерот имаше и некакви чувства за некакви пресуди, се закануваше кон опозицијата, а јавниот обвинител остана нем. Така што не нѐ чуди што разговараат. Во последниве две години сѐ што е ненормално стана нормално и треба да се престане со тоа”, порача Димитријевиќ.

Можете да прочитате

ВЛЕН: Се враќа целосната функционалност на Комисијата за односи меѓу заедниците, нов чекор за зајакнување на Охридскиот рамковен договор

Маж од Гостивар демнел 15-годишно девојче

Соработката со Словачка тема на средбата на Савески со Хрицова