
„Црното сценарио во Македонија започна со давањето лиценца на Алта банка”, порача потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, во дебатната емисија „24 Анализа”, посочувајќи на експресното издавање дозвола на банката и одговорноста на власта и Народната банка за целиот процес.
Тренчевска нагласи дека лиценцата била издадена без да се испочитуваат сите процедури предвидени со Законот за банките, односно без соодветна проверка на сопственикот Давор Мацура, неговата финансиска состојба, репутацијата и потеклото на капиталот.
„Во една изјава гувернерот вели дека не знае кој е сопственик. Првото нешто што треба да се провери е кој е сопственикот. Треба да се провери финансиската состојба на фирмата или групата што сака да купи банка во Македонија. Репутацијата е основното нешто што исто така треба да се провери. Во изјавата гувернерот се задржува само на финансиската состојба, без тоа кој е сопственикот, без репутацијата и без потеклото на парите”, истакна Тренчевска.
Таа потсети дека СДСМ уште во лани во декември јавно го отвори прашањето за сопственикот на Алта банка, Давор Мацура, како и за околностите во кои се одвивала целата операција. Притоа, било поставено и прашањето дали Трајко Славевски бил именуван за гувернер за да го реализира токму овој процес.
„Уште во 2025 година го објавивме овој скандал, отворајќи го тогаш и јавно прашањето дали Трајко Славевски не беше именуван за гувернер за да може да ја заврши оваа операција. А, како што гледаме, ја заврши”, рече Тренчевска.
Таа предупреди и на можноста за преземање на Стопанска банка АД Битола од страна на Србија, посочувајќи дека тоа е дел од пошироките прашања и сомнежи што ги отвора случајот со Алта банка.
Особено ја проблематизираше информацијата дека истиот сопственик претходно наишол на забрани во други држави.
„Истиот тој Мацура добил забрана во Австрија да ја купи Адико банка, добил забрана во Црна Гора. А ние на таков капитал, внесен овде од истиот сопственик, му даваме брзопотезно лиценца”, истакна Тренчевска.
Таа се осврна и на различните изјави на претставниците на власта во врска со купувањето на Алта банка.
„Премиерот вели дека не бил запознаен и информиран од гувернерот за купувањето на Алта банка, а Славевски излегува на прес-конференција и потврдува: ‘Да, секако, беше информиран и запознаен со купувањето’. Министерката за финансии вели дека не била информирана. Па, кој овде лаже?”, праша Тренчевска.
Тренчевска посочи дека одговорноста не завршува кај институцијата што ја издала дозволата, туку ја поврза и со политичката одговорност на власта за влезот на инвеститорот.
„Одговорноста е на власта за влезот на Алта банка. Народната банка во овој случај е де јуре независна, меѓутоа де факто е под влијание на ВМРО-ДПМНЕ. Не можете да дозволите Народната банка да го пропушти Давор Мацура со ваков капитал, кога се знаело што се случува”, порача Тренчевска, барајќи институциите да дадат одговори за постапката.


