
Полицијата требало да го спречи одржувањето на концертот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, а одговорност треба да се бара и кај институциите задолжени да го контролираат работењето на објектот. Ова го порача Томче Стојков, татко на дете кое загина во трагедијата, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Стојков рече дека семејствата на загинатите очекувале поголема поддршка од Владата и од надлежните институции. По трагедијата, родителите разговарале со државниот врв и добиле уверувања дека случајот ќе се разгледа итно и дека одговорните ќе одговараат. Според него, досегашното постапување на институциите не ги исполнило очекувањата на семејствата.
„Имавме средби со премиерот, со министерот за внатрешни работи, со претседателката. Добивме уверувања дека нашата ситуација итно ќе биде разгледана и дека секој што сноси одговорност ќе одговара“, посочи Стојков.
Најострите критики ги упати кон полицијата за нејзиното постапување вечерта на трагедијата. Стојков смета дека полицијата имала можност да го спречи одржувањето на концертот и со тоа да ја избегне катастрофата.
„Според нас, родителите, за таа вечер и за катастрофата што се случи, највиновна е полицијата со нејзините пропусти, затоа што требало да не дозволи да се одржи концертот и немало да дојде до таква катастрофа“, изјави тој.
Стојков побара да се утврди и како дискотеката, за која тврди дека со години работела незаконски, продолжила да функционира. Тој оцени дека трагедијата е последица на долгогодишни институционални пропусти и отсуство на одговорност. Во гостувањето изнесе и обвинувања за наводна корупција и блиски врски меѓу сопственикот на објектот и одговорни лица во институциите.
Стојков порача дека семејствата бараат целосно расчистување на случајот и одговорност за секој што со своето постапување или непостапување придонел за трагедијата.
„На крајот, данокот на таа црна берза го платија младите деца со своите животи“, рече Стојков во „Ноќно студио“ на 4ТВ.


