
Голема тага во Битола по трагичната смрт на 17-годишната Ивана Недановска, која го загуби животот во тешката сообраќајна несреќа на патот Битола – Прилеп, кај местото викано „Туланата“.
Од својата ученичка со емотивна порака се прости СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Битола. Од училиштето изразија длабока болка и најискрено сочувство до семејството и најблиските на Ивана.
„Смртта го прекинува животот, не и присуството“, порачаа од гимназијата, нагласувајќи дека загубата на млад човек остава особено тешка празнина во една училишна заедница исполнета со младост, учење, планови и очекувања за иднината.
Од училиштето велат дека по Ивана останува празно место во нејзиниот клас, меѓу нејзините другари и кај наставниците што ја учеле, но и спомен кој ќе продолжи да живее меѓу сите што ја познавале.
„Ќе има едно празно место повеќе. А во него ќе сјае едно име што нема да биде празнина: Ивана Недановска“, стои во емотивната порака.
Во овие тешки моменти, учениците, наставниците, стручните служби, раководството и сите вработени во гимназијата изразија најдлабоко сочувство до семејството и најблиските на Ивана.
Седумнаесетгодишната девојка го загуби животот во сообраќајна несреќа што се случила на патот Битола – Прилеп, кај „Туланата“.
Според информациите од МВР, во несреќата учествувале „опел“ со битолски регистарски ознаки, управуван од 28-годишниот Е.Ф. од прилепското село Канатларци, и „форд“, исто така со битолски регистарски ознаки, управуван од 48-годишниот М.Н. од Долно Српци.
На местото на несреќата починала 17-годишната сопатничка во „опелот“, а лекар од Итната медицинска помош во Битола ја констатирал смртта.
Во несреќата тешко биле повредени возачот на „опелот“, 44-годишната Д.Н. и седумгодишно дете, кои биле сопатници во „фордот“. Повреди добил и возачот на „фордот“, соопшти МВР.
Увид на местото извршила екипа на СВР Битола.



