Утрински Весник
Магазин

Честото попладневно спиење може да биде ран знак на деменција, открива нова студија

Screenshot 2026 11 02 160244.jpg

Честото спиење во текот на денот кај повозрасните лица може да биде поврзано со значително зголемен ризик од развој на деменција, покажува ново научно истражување. Научниците предупредуваат дека редовната потреба за попладневна дремка, особено кога заспивањето е ненамерно, може да претставува ран показател за промени во мозокот.

Истражувањето, спроведено од научници од Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во САД, опфатило 995 лица постари од 65 години. На почетокот на следењето, во 2013 година, ниту еден од учесниците немал деменција, а нивната здравствена состојба била следена во период до десет години.


Резултатите покажале дека лицата кои спијат преку ден секојдневно или речиси секојдневно имаат 48 отсто поголем ризик од развој на деменција во споредба со оние кои ретко или никогаш не практикуваат дневно спиење.

Особено внимание привлекол податокот дека ненамерното заспивање, односно ситуациите кога лицето заспива без претходно да планира одмор, било поврзано со 39 отсто поголем ризик од деменција.

Истражувачите утврдиле и дека кратките дневни дремки, во траење до 30 минути, биле поврзани со 40 отсто поголем ризик во споредба со лицата кои не спијат преку ден.

Овие резултати останале статистички значајни и откако научниците ги земале предвид возраста, полот, образованието, општата здравствена состојба и карактеристиките на ноќниот сон.

Сепак, научниците нагласуваат дека резултатите не значат дека попладневното спиење предизвикува деменција.

Професорот Адам Спира од Универзитетот „Џонс Хопкинс“, кој учествувал во истражувањето, објаснува дека честото дремење може да биде последица на промени во мозокот кои се појавуваат уште пред болеста да биде дијагностицирана.

Според истражувачите, можно е деловите од мозокот задолжени за регулирање на будноста постепено да ја губат својата функција, што доведува до зголемена поспаност во текот на денот.

Тоа значи дека потребата за почесто спиење не мора да биде причина за когнитивно опаѓање, туку може да биде еден од неговите рани показатели.

За дополнително да ја испитаат поврзаноста, научниците од анализата ги исклучиле случаите на деменција откриени во првите пет години од следењето. И по оваа проверка, поврзаноста меѓу честото и ненамерното дремење и зголемениот ризик останала слична.

Авторите сметаат дека следењето на промените во навиките за спиење би можело во иднина да помогне во пораното препознавање на лицата кај кои постои зголемен ризик од деменција.

Сепак, истражувањето има одредени ограничувања. Податоците за дневното спиење биле добиени преку изјави на самите учесници, додека состојбата со деменцијата била проценувана со научно валидиран алгоритам, а не со непосредна клиничка дијагноза кај секое лице.

Научниците нагласуваат дека се потребни дополнителни истражувања за да се утврди дали дневното спиење има директно влијание врз ризикот од деменција или само претставува ран показател за промени во мозокот.

Повремената попладневна дремка сама по себе не е причина за загриженост. Меѓутоа, доколку кај повозрасно лице се појави нова, зачестена и неконтролирана потреба за спиење во текот на денот, особено ако е придружена со заборавеност или други когнитивни промени, препорачливо е да се побара лекарски совет.

Истражувањето е објавено во научното списание „The Journal of Gerontology: Medical Sciences“.

Можете да прочитате

Оваа грешка ја правиме речиси по секое големо пазарување, а поради неа губиме пари

Сите правиме грешка при подготовката на кафе

Во ресторани на Сардинија почнува едномесечна пробна програма „Ручек без екрани“