
Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје реагира на наставната програма за слободниот изборен предмет „Здравје и заштита на здравјето“ за гимназиско образование, донесена од Министерството за образование и наука и заведена под број 13-12621/2 од 7 октомври 2026 година.
Во реакцијата, Институтот ги изнесува своите забелешки и ставови во однос на содржината на програмата.
Реакцијата ја пренесуваме интегрално:
Институтот за родови студии , Филозофски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје го поздравува донесувањето на наставна програма која конечно воведува содржини за рамноправност, здрави и безбедни врски, репродуктивно здравје, согласност и сексуално насилство во гимназиското образование. Значаен чекор напред се структурата на програмата, партиципативната методологија и јасното барање наставата да се одвива во безбедна средина и со заемно почитување; посебно ја цениме определбата учениците критички да ги преиспитуваат стереотипите и општествените очекувања што ги обликуваат нивните избори и односи.
Програмата ја читаме во нејзиниот непосреден контекст. Во септември 2026 година Министерството за образование и наука ја повлече наставната програма за изборниот предмет „Сеопфатно сексуално образование“ од средните училишта, по реакции во јавноста, заради детална ревизија од страна на Бирото за развој на образованието и Министерството. Програмата „Здравје и заштита на здравјето“ е резултатот од таа ревизија: истата целна група (I–IV година), истиот изборен статус и во голема мера истата тематска структура, но, под ново име. Со оглед на тоа, легитимно е да се праша што точно е ревидирано, и одговорот е видлив при споредба на текстовите. Една од најдоследните промени е терминолошка: од целиот текст, од воведот до нормативот за наставен кадар, е отстранет поимот „Род“, заедно со изведените поими родова рамноправност, родови улоги, родови стереотипи и родово базирано насилство. Оваа реакција образложува зошто тоа отстранување не е безопасно терминолошко поедноставување, туку концептуален пропуст со педагошки, правни и стручни последици, и бара тој да биде поправен пред почетокот на примената на програмата.
Главна забелешка: отсуството на поимот „Род“
Програмата систематски го избегнува поимот „Род“ и наместо него работи со описни конструкции: „биолошки пол, полови разлики, општествени очекувања и улоги“, „општествените очекувања за улогите, одговорностите и однесувањето на поединците“, „стереотипи поврзани со полот и другите лични карактеристики“. Насловот на Тема 1 гласи „Рамноправност“, без атрибут, а содржината „Пол и општествени улоги“ бара од ученикот да „ја објаснува разликата меѓу биолошките карактеристики на полот и општествените очекувања поврзани со улогите на поединецот“. Со други зборови, програмата ја бара од учениците токму онаа аналитичка дистинкција што во науката, во правото и во меѓународните стандарди се именува со дихотомијата – пол/„Род“, но одбива да ѝ го даде името.
Ова не е неутрален избор. Поимот „Род“ во општествените и хуманистичките науки има јасно и стабилно значење: тој ги означува општествено и културно конструираните улоги, норми, очекувања и односи на моќ што се припишуваат на луѓето врз основа на нивниот пол, за разлика од биолошките карактеристики што ги означува поимот пол. Таа дистинкција е аналитичка алатка, а не идеолошка позиција. Без неа, учениците добиваат список на појави (стереотипи, предрасуди, нееднаков третман, насилство во врските, злоупотреба на моќ) без концептот што ги поврзува и објаснува. Програмата така бара анализа на структура, а истовремено го одзема поимот што ја именува структурата.
Последиците се повеќекратни. Педагошки, наставникот е оставен без терминолошка основа за да ги објасни содржините што се предвидени, бидејќи учебничката, стручната и правната литература на која ќе се потпре ги употребува поимите „Род“, родови улоги и родови стереотипи. Сознајно, програмата создава раскин меѓу средното и високото образование: студентите на општествените и хуманистичките факултети, вклучувајќи ги психологијата, социологијата и педагогијата од кои според нормативот треба да се регрутира наставниот кадар, се образуваат со поимот „Род“ како стандарден дел од дисциплинарниот речник. Правно и политички, отсуството на поимот ја оддалечува програмата од терминологијата на меѓународните инструменти што државата ги ратификувала и од сопственото домашно законодавство, што е предмет на следните два дела.
Институтот е свесен дека поимот „Род“ во последниве години е предмет на јавни оспорувања и дека токму тие оспорувања ја предизвикаа ревизијата од која произлезе оваа програма. Токму затоа сметаме дека образовната програма не смее да го следи ритамот на јавната полемика, туку состојбата на научното знаење и правните обврски на државата. Ревизија што одговара на оспорувањето со бришење на поимот не го решава проблемот, туку го пренесува врз наставниците и учениците, кои остануваат без јазикот за појавите што програмата сепак бара да ги анализираат. Одговорот на оспорувањето е јасно, прецизно и возрасно соодветно дефинирање на поимот во самата програма.
Поимот „Род“ во меѓународните документи што ја обврзуваат државата
Поимот „Род“ не е академски неологизам, туку стандарден термин на меѓународното право за човекови права и на меѓународните образовни стандарди што Република Северна Македонија ги ратификувала или ги прифатила како рамка на своите реформи. Неговото отсуство од програмата значи отстапување од обврски што државата веќе ги презела.
Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истанбулска конвенција), ратификувана од Собранието во декември 2017 година и во сила од 2018 година, во членот 3 дава правно обврзувачка дефиниција на родот како општествено конструирани улоги, однесувања, активности и атрибути што дадено општество ги смета за соодветни за жените и мажите. Членот 14 од Конвенцијата, насловен „Образование“, бара од државите да вклучат наставни материјали за еднаквоста меѓу жените и мажите, за нестереотипните родови улоги, за заемното почитување, за ненасилното решавање конфликти во меѓучовечките односи, за родово базираното насилство врз жените и за правото на личен интегритет, на сите нивоа на образование. Програмата „Здравје и заштита на здравјето“ по својата содржина е токму инструментот со кој државата би требало да го исполни членот 14, а истовремено ја отфрла терминологијата со која членот е формулиран. Тоа отстапување е видливо и мерливо и ќе биде предмет на следното оценување од страна на GREVIO, експертското тело што ја следи примената на Конвенцијата.
Конвенцијата на Обединетите нации за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените (CEDAW), која државата ја обврзува уште од 1994 година, во членот 5 бара мерки за промена на општествените и културните обрасци на однесување заради отстранување на предрасудите и практиките засновани на идејата за инфериорност или супериорност на кој било пол или на стереотипни улоги на мажите и жените, а во членот 10 изречно бара елиминација на стереотипниот концепт за улогите на мажите и жените на сите нивоа на образование, вклучително преку ревизија на учебниците и наставните програми. Комитетот за CEDAW во своите општи препораки и во заклучните согледувања за државата доследно го употребува поимот „Род“ и од државите бара родово сензитивно образование.
Пекиншката декларација и Платформа за акција (1995), Целта за одржлив развој 5 на Агендата 2030 и серијата препораки на Комитетот на министри на Советот на Европа, меѓу кои Препораката CM/Rec(2007)13 за вклучување на родовата перспектива во образованието и Препораката CM/Rec(2019)1 за спречување и борба против сексизмот, го поставуваат родот како централна категорија на образовните политики. Во полето на самиот предмет, Меѓународните технички насоки за сексуално образование на УНЕСКО (2018), изработени заедно со УНАИДС, УНФПА, УНИЦЕФ, УН Жени и СЗО, го содржат разбирањето на родот како една од осумте клучни тематски области, а Стандардите за сексуално образование во Европа на Регионалната канцеларија на СЗО за Европа и BZgA (2010) родот го третираат како задолжителна содржина за секоја возрасна група. Токму овие документи се референтната рамка според која е структурирана и македонската програма, што се гледа од нејзиниот тематски редослед; парадоксално е програмата да ја следи структурата на тие насоки, а да го брише нивниот клучен поим.
Конечно, во контекст на пристапувањето кон Европската Унија, родовата еднаквост е темелна вредност на Унијата (членови 2 и 3 од Договорот за ЕУ, членови 21 и 23 од Повелбата за основните права) и дел од Поглавјето 23. Извештаите на Европската комисија за Северна Македонија веќе бележат застој кај Законот за родова еднаквост и растечко анти-родово движење како пречка за усогласување. Наставна програма што го брише поимот „Род“ би била прочитана во тој контекст, како уште еден сигнал на оддалечување од европските стандарди, а не како нивно спроведување.
Поимот „Род“ во домашното законодавство и стратешките документи
Уште поголем проблем е тоа што програмата отстапува и од терминологијата на сопствениот правен поредок. Поимот „Род“ е дел од позитивното право на Република Северна Македонија и не може да биде третиран како спорен во документ што го донесува орган на таа држава.
Законот за еднакви можности на жените и мажите (2012) го употребува поимот „Род“, воведува родово одговорно буџетирање и од органите на државната управа бара вклучување на родовата перспектива во сите политики, вклучително и образовните. Законот за спречување и заштита од дискриминација (2020) ги наведува полот, родот и родовиот идентитет како одделни дискриминаторски основи, што значи дека правниот поредок веќе ја признава концептуалната разлика што програмата ја избегнува. Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство (2021), донесен токму заради спроведување на Истанбулската конвенција, е изграден врз поимот родово базирано насилство и бара од образовниот систем превентивни и едукативни содржини. Тема 2 и Тема 6 од програмата обработуваат партнерско, семејно и сексуално насилство без ниту еднаш да го употребат поимот со кој тоа насилство е дефинирано во законот што ја регулира заштитата од него.
Националната стратегија за родова еднаквост 2022–2027 и стратегиите за еднаквост и недискриминација го имаат родот во самиот наслов и предвидуваат вградување на родовата еднаквост во наставните програми и учебниците. Самата рамка на реформата на средното образование и концепцијата за гимназиското образование ја наведуваат родовата еднаквост меѓу вредностите што наставата треба да ги промовира.
Во таа смисла, програмата создава внатрешна недоследност на државата кон самата себе: едни органи ја спроведуваат родовата еднаквост како законска обврска, а образовниот орган ја отстранува од речникот на предметот што е најнепосредно задолжен да ја пренесе на идните генерации. За наставниците тоа значи дека на час треба да зборуваат за појави што законот ги именува со родови поими, а програмата ги опишува со заобиколни фрази; за учениците тоа значи дека ќе излезат од училишните клупи без да го познаваат терминот што ќе го сретнат во секој закон, институција и јавна политика што се однесува на нивната заштита и еднаквост.
Понуда за соработка
Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет е единствената универзитетска единица во земјата што повеќе од две децении изведува додипломски акредитирани студии од областа на родовите студии и произведува кадар што работи токму во институциите задолжени за еднаквоста и заштитата од насилство. Нашата реакција не е против програмата, туку е во нејзина поддршка: сакаме таа да биде стручно издржана, правно усогласена и одбранлива пред секое домашно и меѓународно тело што ќе ја оценува.
Затоа бараме Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието да ја ревидираат програмата пред почетокот на нејзината примена во учебната 2026/2027 година, така што поимот „Род“, заедно со поимите родова рамноправност, родови улоги, родови стереотипи и родово базирано насилство, ќе биде вратен во нејзиниот терминолошки апарат и јасно дефиниран во воведниот дел, во согласност со членот 3 од Истанбулската конвенција и со домашното законодавство. Бараме, исто така, да се отвори консултативен процес со академската заедница и со стручните институции, во кој Институтот ќе учествува со свои претставници.
Институтот нуди да учествува во изработката на дефинициите и прирачникот за наставници, во дизајнот и реализацијата на обуката предвидена со нормативот за наставен кадар, како и во евалуацијата на првата година од примената на предметот. Отворени сме за средба во најкус можен рок.
Референтни документи
Совет на Европа, Конвенција за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (CETS 210), членови 3, 6 и 14; Обединети нации, Конвенција за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените, членови 5 и 10; Пекиншка декларација и Платформа за акција (1995); Совет на Европа, Препораки CM/Rec(2007)13 и CM/Rec(2019)1; УНЕСКО и др., International Technical Guidance on Sexuality Education (2018);
СЗО Европа и BZgA, Standards for Sexuality Education in Europe (2010);
Закон за еднакви можности на жените и мажите (2012);
Закон за спречување и заштита од дискриминација (2020);
Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство (2021);
Национална стратегија за родова еднаквост 2022–2027; Европска комисија, годишни извештаи за Северна Македонија (Поглавје 23).



