Утрински Весник
Култура

Светска премиера на „Кајмак“ на Манчевски во Токио

Ss2

Светската премиера на филмот „Кајмак“ на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски ќе се биде на 35. меѓународен филмски фестивал во Токио (ТИФФ), кој ќе се одржи од 24 октомври до 2 ноември. Фестивалот во Токио е на А-листата заедно со Берлин, Кан и Венеција, најголем е во Азија и еден од најголемите во светот.

dobivaj vesti na viber

„Кајмак“ во Токио ќе се прикаже во официјалната селекција за награди. Манчевски и дел од актерската екипа на „Кајмак“ ќе продефилираат на црвениот килим во Токио и ќе учествуваат во два разговора со публиката. Манчевски ќе одржи и специјален мастер-клас за јапонската стручна публика и за студенти.

300x250 (7)

Во 1995 Јапонија првпат виде македонски филм. Манчевски, кој е многу популарен во Јапонија, беше првиот македонски автор што ги проби границите за македонскиот филм и во Азија. Тој беше во селекцијата на Токио уште со „Пред дождот“ и со „Прашина“.

„Кога првиот пат бев во Токио, го држев во раце „Златниот лав“ од Венеција на Куросава (за „Рашомон“) и видов дека дизајнот на лавот се разликува од мојот – организаторите во Венеција ја промениле формата на трофејот во тие 30-ина години што поминале. Сега одам да проверам дали е сè во ред со лавот од Токио“, изјави Манчевски.

На денешната средба со новинарите, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, изјави:

„Денес, Милчо Манчевски повторно нè носи во Јапонија со својот најнов филм, ‘Кајмак’. Во меѓувреме, светот дозна за Македонија преку неговите филмови. Тие ги пренесоа на сите континенти, во стотина земји, убавините на нашата земја, ама – уште поважно – вредноста на македонската култура и македонскиот јазик“, вели Костадиновска-Стојчевска.

„Македонија до Токио!“, изјави со насмевка продуцентот Јане Ќортошев. „Со учеството во официјалната селекција на фестивалот во Токио му овозможуваме на филмот еден прекрасен почеток и сигурен сум еден навистина богат фестивалски живот. Многу набргу потоа ќе ѝ го претставиме филмот и на македонската публика“.

„Кајмак“ е црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства, кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот. Филмот на Манчевски е безмилосна критика на малограѓанското лицемерство и апотеоза на индивидуалната слобода.

Македонската премиера на филмот е предвидена за средината на ноември.

Во „Кајмак“ поголем дел од финансиите доаѓа од странство – 52 процента се од државните фондови на Данска, Холандија и Хрватска, како и од најреномираниот европски фонд „Еуримаж“. Агенцијата за филм на Северна Македонија обезбеди 48 проценти од буџетот, а Македонската радио-телевизија е копродуцент. Во екипата се вклучени и независни филмски работници од Англија, Италија и Србија.

По сценарио и режија на Милчо Манчевски, во филмот играат: Сара Климоска, Камка Тоциновски, Александар Микиќ, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ, Петар Мирчевски, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ратка Радмановиќ, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ и други.

Дански копродуцент на „Кајмак“ е Мета Луис Фолдагер Соренсен, продуцентка на филмовите „Антихрист“ и „Меланхолија“ на Ларс фон Трир, како и на данскиот кандидат за „Оскар“, „Кралската афера“ и на „Сопругата“ со Глен Клоуз. Холандски копродуценти се Изабела Депевег и Елс Вандерворст, една од најискусните холандски продуценти („Мандерлеј“, „Догвил“ и „Танчар во мракот“ на Ларс фон Трир и „Сè е тоа за љубов“ на Томас Винтерберг). Хрватски копродуцент е Синиша Јуричиќ. Извршен продуцент е Јан Прајор од британската „Скала продакшнс“.

Македонски продуцент на филмот е „Банана филм“. Продуцира Јане Ќортошев. Продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Англија, директор на фотографија е Данецот Улрик Боел Бенцен, монтажер Емил Нунинга, дизајнер на звукот Херман Пиете, кастинг-директор Милка Анчевска, костимограф Жаклина Крстевска, а дизајнер на шминка е италијанската легенда Марио Микисанти. Музиката е на култниот „Дејниш стринг квартет“, а дополнителната музика на Игор Василев-Новоградска.

Главни партнери на филмот се „Алкалоид“, НЛБ банка и „Виза“ и партнерите на филмот – „Окта“, „Тиквеш“, „Витаминка“ и „Дајмонд оф Скопје“. Филмот е помогнат од многубројни домашни и странски поединци и компании.

Ss1

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“