
Обвинителството поведе истрага против 25-годишен скопјанец, осомничен за две разбојништва извршени во август оваа година во објекти на компанија за брзи кредити во главниот град.
Според обвинителството, првото разбојништво било извршено на 15 август во просториите на фирмата во Градскиот трговски центар. Осомничениот седнал на столче за клиенти, а кога вработената го прашала колку пари сака, извадил пиштол и ѝ наредил да ја отвори касата. Исплашената жена ја извадила касата од фиоката и ја ставила на бирото, по што напаѓачот ги зел 60.500 денари и избегал.
Само три дена подоцна, истиот маж ограбил уште една филијала на истата компанија, овојпат во Старата скопска чаршија. Со закана со пиштол го натерал вработениот да го отвори сефот и одзел уште 25.000 денари. Потоа избегал во правец на плоштадот „Македонија“ и го фрлил оружјето во реката Вардар од Камениот мост.
По извршените разбојништва, осомничениот се сокрил и подолго време бил недостапен за полицијата, бидејќи заминал во Хрватска.
Поради ризик од бегство и можност повторно да го изврши делото, обвинителството побара од судијата на претходна постапка да му биде определена мерка притвор.



