
Професионалните возачи од земјите кои не се членки на Европската Унија и натаму ќе мора да го почитуваат правилото за престој до 90 дена во период од 180 дена во Шенген-зоната. Европската комисија признава дека ваквиот режим создава сериозни проблеми за професиите кои подразбираат чести и долготрајни патувања, но засега нема најава за промена на правилата.
Портпаролот на Европската комисија Маркус Ламерт изјави дека Брисел е запознаен со проблемите со кои се соочуваат одредени категории професионалци од трети земји, особено возачите на камиони.
Според него, природата на нивната работа подразбира висок степен на мобилност и потреба да престојуваат во Шенгенскиот простор подолго од дозволените 90 дена во рамки на период од 180 дена.
„Ова се однесува на професии кои бараат висок степен на мобилност, како што се возачите на камиони, но и спортистите и уметниците на турнеја“, посочи Ламерт.
Сепак, од Европската комисија посочуваат дека дел од можните решенија зависат од националните законодавства и билатералните договори на земјите-членки на ЕУ.
Како можни механизми се споменуваат долгорочни визи и дозволи за престој, кои се во надлежност на земјите-членки. Во одредени и ограничени ситуации би можело да се разгледува и третирање на професионалните возачи како прекугранични работници.
Ламерт појасни дека системот за влез и излез не воведува ново ограничување на должината на краткорочниот престој во Шенген-зоната, односно не го менува постојното правило 90/180.
Од Европската комисија, сепак, велат дека остануваат отворени за разговори за специфичната положба на професионалните возачи.
„Продолжуваме да соработуваме со нашите партнери од Западен Балкан“, рече Ламерт, посочувајќи дека за ова прашање во повеќе наврати било разговарано и со претставници на транспортниот сектор.
Ставот од Брисел доаѓа по протестите на неколку стотици превозници во Скопје, Сараево, Белград и Подгорица, пред седиштата на делегациите на Европската Унија.
Превозниците бараат професионалните возачи да добијат посебен третман, бидејќи, како што велат, во Шенген-зоната не престојуваат како туристи, туку поради извршување на своите работни обврски.
Нивното главно барање е правилото за најмногу 90 дена престој во период од 180 дена да не се применува на ист начин за возачите кои секојдневно или често ги преминуваат европските граници поради работа.
На протестите беше испратено и предупредување дека, доколку не биде пронајдено прифатливо решение, превозниците ја разгледуваат можноста за блокади на границите кон Европската Унија.


