Утрински Весник
Економија

Претставување на претстојните можности на коридорите 8 и 10д

Naslovna.jpg

Вчера во кампот на Бехтел ЕНКА во Гостивар, се одржа значајна средба помеѓу менаџментот на компанијата и домашните компании членки на Здружението на градежнишво при Стопанската комора на Северна Македонија. Овој настан, организиран во рамки на соработката помеѓу Бехтел ЕНКА и Стопанската комора, имаше за цел да ја продлабочи соработката и да овозможи поголема вклученост на домашните градежни компании во реализацијата на Коридорите 8 и 10д – два од најзначајните инфраструктурни проекти во земјата и поширокиот регион.

MK Summit

Џош Бејкер, проектен менаџер во Бехтел ЕНКА, изрази благодарност за конструктивната соработка со Комората и за силниот интерес од домашните компании. Тој истакна дека моментално околу 60% од снабдувачите на проектот се локални, како и повеќе од 90% од подизведувачите, со цел дополнително да се зголеми ова учество. „Со нетрпение очекуваме да изградиме длабоки и соработувачки партнерства со талентирани домашни компании и да работиме заедно за постигнување на највисоки стандарди за безбедност и квалитет,“ изјави Бејкер. Тој додаде дека и покрај почетните доцнења поради експропријација, градежните активности на делниците Гостивар–Букојчани и Прилеп–Битола напредуваат стабилно, а делницата Тетово–Гостивар е во фаза на засилено активирање.


„Повеќе од 35 години, Бехтел ЕНКА успешно реализира автопатски проекти низ Балканот, благодарение на силната соработка меѓу нашите директно вработени тимови и подизведувачите, од кои поголемиот дел се од локалниот пазар во кој работиме. Овој модел на партнерство – изграден врз тимска работа, взаемно учење и заедничка посветеност – е клучот за нашиот успех. И на нашиот тековен проект го продолжуваме овој пристап, и веќе гледаме ветувачки резултати во областите каде што сме вклучиле подизведувачи. Во Бехтел ЕНКА, ние не ги доделуваме обврските и потоа се повлекуваме; работиме рамо до рамо со нашите подизведувачи за да обезбедиме безбедност, квалитет и навремена испорака. Ова обединето залагање е суштинско за постигнување на највисоките стандарди низ целиот проект“, истакна Џанберк Атила, заменик раководител на проект – менаџер за изградба и терен.

Крис Хинспетер, бизнис менаџер на проектот, додаде дека Бехтел ЕНКА е посветена на транспарентност во процесите за набавка и подизведување. „Сакаме овој процес да биде отворен и достапен. Колку повеќе локални компании се приклучат, толку посилен ќе биде проектот,“ изјави тој.

Техничките менаџери Озкан Доган (подизведување), Хакан Билај (земјени работи), Фатих Курт (структури) и Чаглар Кандемир (карпи и постројки) ги презентираа процедурите и можностите за регистрација и квалификација на домашните компании, охрабрувајќи ги активно да аплицираат за наредните можности.

Д-р Јелисавета Георгиева Јовевска одговорна во Комората за инфраструктура и економски развој ја истакна подготвеноста и капацитетот на македонските компании во вклучување на овие значајни инфраструктурни проекти: „Нашите компании имаат децении искуство, и дома и во странство. Веруваме во заеднички настап – обединување на домашната експертиза со меѓународни стандарди.“

Стопанската комора на Северна Македонија ја потврди својата поддршка за своите членки и ги повика сите заинтересирани компании да ги контактираат за помош и ресурси поврзани со ангажманот на проектот.

Можете да прочитате

ЕЦБ го нагласи приклучувањето на земјава кон иницијативата за инстант плаќања

Додека светот бара бакар, Македонија го чува својот под земја

СДСМ: Се најавуваат мерки за намалување на цените, граѓаните имаат “чувство” – следува ново поскапување