Утрински Весник
Економија

Интересот на компаниите за дигитализација се зголемува, поддршка нуди Владата и Европската комисија

Image 2026 10 26 131931334.png

Македонија има солидна основа за развој на дигитализацијата и располага со квалификувани кадри и институции кои можат да ја спроведат. Интересот кај компаниите постојано се зголемува, но, за целосно спроведување на дигитализацијата потребни се партнерства и поддршка. 

Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ веќе нуди бесплатни услуги за компаниите, а средствата се обезбедени преку Европската комисија и Владата на Република Северна Македонија. 


– Процесот на дигитална трансформација не е едноставен и не претставува предизвик само за нашата држава. Токму затоа, Европската Унија формираше мрежа на европски дигитални иновациски хабови низ цела Европа, кои им помагаат на компаниите во процесот на дигитална трансформација. Во Европа функционираат околу 200 вакви хабови, а во Македонија, покрај нашиот, од оваа година започна со работа уште еден – вели проф. д-р Димитар Ташковски, директор на ИНОФЕИТ ЕДИХ.

Во изјава пред денешната панел-дискусија, Ташковски посочи дека досегашното искуство покажува оти е неопходна соработка меѓу сите чинители во екосистемот.

– На компаниите им е потребна поврзана поддршка: од идентификување на потребите и изработка на патоказ за дигитална трансформација до развој и тестирање на пилот-решение и обезбедување финансии за неговата примена. Преку ИНОФЕИТ ЕДИХ досега се обезбедени околу 40 услуги за тестирање пред инвестирање. Особено радува што компаниите доаѓаат со сè повеќе иновативни идеи. Со заедничка поддршка, тие идеи можат да прераснат во конкретни решенија за попродуктивно и поконкурентно работење – изјави Ташковски.

Од Владата најавуваат дека ќе продолжи државната поддршка за ваквите хабови.

– Планираме и во периодот што следува активно да го поддржуваме овој модел на функционирање. Имаме најава за уште еден дигитален иновациски хаб, за кој Владата одлучи да обезбеди поддршка од еден милион евра, со кофинансирање од програмата „Дигитална Европа“. Во периодот што следува се очекува да се развиваат и други дигитални иновациски хабови. Ова е начинот на кој го поддржуваме приватниот сектор во дигиталната трансформација – истакна министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Тој нагласи дека компаниите што аплицирале и ги исполниле условите поминале низ соодветните процедури и добиле бесплатни обуки, менторство, анализи и можности за дигитална трансформација на своите бизниси. Притоа, Андоновски посочи дека овој модел на поддршка се спроведува без обвинувања за корупција или фаворизирање компании.

Швајцарија, како една од најиновативните држави во светот во последните 16 години, нуди помош на овој план.

– Постојат и многу човечки врски меѓу Швајцарија и Северна Македонија. Во Швајцарија живеат повеќе од 100.000 луѓе со потекло од нашата земја. Многумина од нив работат во ИТ-секторот, во областа на дигиталните технологии, па дури и во областа на вештачката интелигенција – изјави швајцарскиот амбасадор во земјава Кристоф Зомер.

Можете да прочитате

Пониска инфлација од европскиот просек, Владата со мерки за ублажување на ценовниот удар

Бензините поевтинуваат за пет денари, цената на дизелот останува иста

Божиновска ги претстави резултатите во енергетиката и рударство