Утрински Весник
Балкан

Студентите побараа оставки од директорот на РТС и главниот уредник

Screenshot 2026 10 27 164345.jpg

Студентското движење „Студенти во блокада“ побара итни оставки од генералниот директор на Радиотелевизија Србија (РТС), неговиот заменик и раководството на информативната програма, обвинувајќи го јавниот сервис за политичко влијание и непристрасност во известувањето.

Во јавно писмо упатено до раководството на РТС, Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) и Народното собрание, студентите порачуваат дека граѓаните имаат право на вистинито, целосно и непристрасно информирање.


„Бараме привремена управа, предложена во договорот на Студентската листа и репрезентативните синдикати на РТС, со именување во согласност со законот“, се наведува во писмото.

Од РЕМ бараат независно постапување, транспарентност на одлуките и објаснување за постапувањето во случајот со телевизијата „Информер“. Студентите очекуваат јавен и образложен одговор во рок од седум дена од приемот на писмото.

Истовремено, од Народното собрание бараат испразнетите места во Советот на регулаторното тело да бидат пополнети преку законита и транспарентна постапка, со избор на стручни и независни кандидати.

Барањата доаѓаат во период на големи политички промени во Србија, по пријавената изборна победа на Студентската листа и поразот на Александар Вучиќ.

Во меѓувреме, според наведените информации, главниот уредник на Радиотелевизија Војводина (РТВ) поднел оставка, а телевизијата упатила извинување до гледачите за долгогодишното необјективно известување.

„Јавниот сервис не ја исполнуваше својата функција многу години. Молчеше, затвораше едно око, даваше информации еднострано, известуваше некритички, не поставуваше вистински прашања или воопшто не поставуваше прашања, и за тоа им должиме извинување на гледачите“, се наведува во изјавата што му се припишува на јавниот сервис.

Тензиите околу медиумите дополнително се зголемија по собирот на граѓани пред редакцијата на „Информер“ во Белград, каде што дел од присутните влегоа во просториите на телевизијата и се соочија со нејзиното раководство.

Меѓу присутните била и Дијана Хрка, мајката на Стефан Хрка, кој загина при уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.

Граѓани се собрале и пред зградите на РТС и телевизијата „Пинк“, каде што дел од демонстрантите изразиле незадоволство од начинот на известување.

Сепак, движењето „Студенти во блокада“ јавно се огради од упадите во медиумските куќи и повика на мирно и достоинствено однесување.

„Ги разбираме еуфоријата, емоциите и потребата по сè што поминавме конечно да прославиме победа. Но, сега е важно да останеме достоинствени и одговорни. Не поддржуваме упади во медиуми и институции, ниту пак повикуваме на нив“, порачаа студентите.

Тие нагласуваат дека реформата на јавниот сервис и воспоставувањето независни медиумски институции треба да бидат меѓу приоритетите во периодот што следува.

Можете да прочитате

Запленети над 18 килограми кокаин во вредност од 1,3 милиони евра на атинско пристаништето – уапсен британски државјанин

Се огласи сопругата на Александар Вучиќ: Нешто никогаш не ви кажав…

Невреме во Истанбул: поплавени улици, сообраќаен хаос и спасени лица од заглавен автомобил