Утрински Весник
Скопје

Почнува постапката за БРТ-системот во Скопје објави Ѓорѓиевски

Img 4186.jpeg

Проектот за брз автобуски превоз – БРТ во Скопје влегува во нова фаза. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски соопшти дека во соработка со Европската банка за обнова и развој е распишана тендерската постапка за предквалификација.

По периодот на подготовки и усогласувања, постапката официјално е отворена, а заинтересираните компании ќе можат да аплицираат до 2 ноември.


Ѓорѓиевски ги повика домашните и регионалните компании да се вклучат во постапката, со цел да има што поголема конкуренција при реализацијата на еден од најголемите транспортни проекти во главниот град.

Според градоначалникот, во изминатиот период биле надминати административните и техничките предизвици поврзани со проектот, при што ја истакна соработката на тимот на Град Скопје со ЕБОР, како и поддршката од Владата и премиерот.

Со завршувањето на оваа фаза треба да се отвори патот кон проектирањето и изведбата на системот.

БРТ е замислен како еден од трите клучни столба за промена на јавниот превоз во Скопје. Другите два се набавката на 100 нови автобуси и воспоставувањето градски железнички превоз.

Идејата е скопјани да добијат побрз, модерен и еколошки јавен транспорт, а со повеќе алтернативи на автомобилскиот сообраќај да се придонесе и кон намалување на сообраќајниот метеж.

Ѓорѓиевски очекува БРТ целосно да биде ставен во функција до крајот на неговиот тековен мандат.

Можете да прочитате

Ѓорѓиевски: Градските цвеќарници повторно ги ставаме во функција

Карпош одбележа 50 години постоење со традиционалните спортски игри за пензионери

Меџити: Новиот базен во училиштето „7 Март”, инвестиција од околу 1 милион евра за децата од Чаир