Утрински Весник
Македонија

Почина Гоце Камчев, основач и претседател на „КАМ маркет“

Почина Гоце Камчев, основач и претседател на „КАМ маркет“

По кратко боледување денеска почина основачот и претседател на „КАМ маркети“, Гоце Камчев.

dobivaj vesti na viber

Гоце Камчев беше еден од најуспешните визионери и менаџери во нашата земја и остави зад себе компанија која е меѓу најуспешните во регионот. Целото искуство, знаење и вештини, стекнати во текот на школувањето и работата со познати компании од земјата и од странство, несебично ги пренесуваше и споделуваше со вработените, кои го препознаваа како голем учител, неуморен пренесувач на знаења. Истовремено беше насочен и кон раст и развој и на нашата држава, а успешна Македонија беше една од неговите цели, соопштија од компанијата.

Гоце Камчев е роден на 28 април 1945 година во Скопје и потекнува од релативно сиромашно работничко семејство. Уште од средното училиште се насочува кон економијата, а потоа образованието го продолжува и на Економскиот факултет во Скопје. Подоцна завршува и постдипломски студии од областа на економскиот развој. Во текот на своето образование континуирано ја негува својата желба за учење, читање и знаење.

Во текот на својата долга кариера работел на високи позиции во Комерцијална банка, дрвна индустрија „Треска“, „Македонија табак“, „Магро“… Меѓу неговите успеси се и рекордните извози на македонско вино на странските пазари. Како претставник на „Магро“ со семејството заминува во Германија, каде што создава важни контакти и го надградува своето искуство.

На 45-годишна возраст Гоце Камчев е подложен на операција на срцето, по што лекарите му советуваат да се пензионира. Наместо пензија, тој почнува нова етапа од својата кариера.

Во 1990 година ја основа компанијата „Интеркам“, еден од првите дистрибутери во Македонија. Во малопродажниот сектор влегува во 1995 година кога ја основа компанијата „Камфуд“, чиј прв современ супермаркет беше отворен во Градскиот трговски центар во Скопје на површина од 1000 квадратни метри.

Инспириран од германскиот синџир „Алди“, Камчев се насочува кон принципот „хард дисконт“ и го основа „КАМ“ во 1999 година, компанија која континуирано расте и се развива, па денес покрај 76-те маркети во Македонија, присутна е и во Косово со 23 маркети и во Бугарија со 24 маркети.

Преку „КАМ маркет“ тој ја реализира својата визија да обезбеди поквалитетен, а поевтин производ со цел да им излезе во пресрет на граѓаните, се вели во соопштението.

Погребот на Камчев е в недела во 14 часот на градските гробишта Бутел во Скопје.

 

Можете да прочитате

МАИ ги додели наградите за изданијата меѓу два Саеми на книга

Стојаноска: „Платформа 1198″ предвидува рамен данок со што, Македонија ќе стане една од земјите во регионот со најниски даноци

Бојмацалиев: Над 100.000 граѓани ги чекаат личните документи пробиен е законски рок