
Сите девет лица во деловниот авион „Лирџет 60“, кој денеска се урна во округот Палм Бич во Флорида, загинале, потврди американскиот секретар за транспорт Шон Дафи, пренесува Асошиејтед прес. Причината за несреќата засега не е утврдена.
Според Федералната управа за воздухопловство на САД (FAA), леталото полетало од меѓународниот аеродром „Остин-Бергстром“ во Тексас и се упатило кон аеродромот „Норт Елеутера“ на Бахамите. Авионот се урнал околу 12:50 часот по локално време, во станбена област во близина на Гринекрс.
По ударот избувнал силен пожар, а над местото се издигнал густ црн чад. На снимките од несреќата се гледа како леталото нагло паѓа и експлодира покрај прометна сообраќајница. Засега не е познато дали има повредени лица на земјата и колкава е штетата врз околните домови.
Полицијата го затворила „Милитари Трејл“ во двата правца, на делницата меѓу булеварот „Крестхејвен“ и авенијата „Десетта Север“. Противпожарната служба на округот Палм Бич ги повикала возачите да ја избегнуваат областа поради продолжената интервенција на екипите за итни случаи.

Истрагата ќе ја води Националниот одбор за безбедност во транспортот (NTSB), со поддршка од FAA. Од воздухопловните власти нагласуваат дека првичните информации се подложни на промени.


