Утрински Весник
Македонија

Димитриевски: ЗНАМ ќе излезе од Владата ако правосудниот испит се полага и на албански

Img 7269.jpeg

Движењето ЗНАМ е подготвено да ја напушти владината коалиција доколку Владата донесе решение со кое правосудниот испит ќе може да се полага и на албански јазик. Ова вечерва во интервју за Сител го изјави лидерот на партијата Максим Димитриевски, кој најави дека од премиерот Христијан Мицкоски ќе побара да свика лидерска средба со коалициските партнери.

Димитриевски рече дека Мицкоски веќе го знае ставот на ЗНАМ оти правосудниот испит треба да се полага само на македонски јазик. Партијата, сепак, е подготвена да разговара со партнерите во Владата. Според Димитриевски, тоа би било прва отворена дискусија меѓу коалициските партнери за ова прашање.


„На следната средба со премиерот ќе побарам лидерска средба затоа што ние никогаш со нашите партнери во Владата немаме отворено разговарано за ова прашање за да ги дефинираме сите црвени линии и што тоа ќе значи во иднина за државата и за нашиот целокупен правосуден систем“, рече Димитриевски.

Лидерот на ЗНАМ оцени дека евентуалната промена би имала последици за функционирањето на правосудството. Тој се повика на препораките на Венецијанската комисија од 2019 година и изнесе став дека барањето за полагање на испитот и на албански јазик е спротивно на тие препораки.

Димитриевски го поврза барањето и со пошироки политички цели. Тој изнесе оценка дека во земјава има политички сили кои сакаат Македонија во иднина да стане конфедерација. Како примери ги посочи повиците за здружување на локалните заедници на етничка основа и, како што рече, изјавата на поранешен лидер на албанска партија за прогласување на „Илирида“ по локалните избори во Брвеница.

Димитриевски рече дека ја поддржува употребата на јазиците на етничките заедници и го посочи Советот на Општина Куманово како пример за примена на повеќе јазици во работата. За правосудниот испит, пак, повтори дека ЗНАМ ќе инсистира полагањето да остане само на македонски јазик.

Можете да прочитате

Свеќи и транспаренти за Билјана – граѓани излегоа на мирен протест во Богданци

Од Прилеп во 10, од Охрид во 11, од Ресен во 12 часот – распоред за превозот до Алта банка

Славески потврди дека се консултирал со Мицкоски за влезот на Алта банка, сега се бара купувач