
Една наставничка загина, а уште две лица се повредени во напад со нож во основно училиште во словачкото место Сташков. Според првичните информации, во нападот бил вклучен ученик од осмо одделение.
Во нападот животот го загубила 61-годишна наставничка. Меѓу повредените е ученичка која, според информациите од службите за итна медицинска помош, се наоѓа во критична состојба. Повредена е и 44-годишна наставничка, која се здобила со убодна рана во пределот на градите.
Веднаш по пријавувањето на нападот, во училиштето пристигнале полициски и медицински екипи. Во интервенцијата биле вклучени две амбулантни возила и два спасувачки хеликоптери.
Тешко повредената ученичка со хеликоптер била пренесена во болница во Мартин, додека 44-годишната наставничка била транспортирана во болница во Жилина.
Полицијата го истражува нападот и апелира јавноста да не шири непроверени информации. Според досегашните информации, ситуацијата е ставена под контрола и нема дополнителна опасност за јавноста.
Мотивот за нападот засега не е соопштен.
На местото пристигнале и словачкиот министер за внатрешни работи Матуш Шутај Ешток, министерот за образование Томаш Дракер и министерот за здравство Камил Шашко.
Нападот повторно го отвора прашањето за безбедноста во словачките училишта. Во јануари 2025 година, во напад во образовна установа во Спишка Стара Вес беа убиени две лица, а едно беше повредено.

Истрагата продолжува, а повеќе детали за околностите и мотивот се очекуваат од надлежните институции.

