
Предлог-буџетот за 2027 година е насочен кон обезбедување стабилни и одржливи јавни финансии, продолжување на фискалната консолидација и поддршка на економскиот раст, со јасен фокус на развојните инвестиции, редовното исполнување на обврските кон граѓаните и подобрувањето на квалитетот на јавните услуги. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, образложувајќи го Предлог-буџетот за 2027 година на Комисијата за финансирање и буџет пред пратениците во Собранието.
Вкупните приходи во Буџетот за 2027 година се планирани на 395,4 милијарди денари, што претставува раст од 5,7% во однос на 2026 година, додека вкупните расходи се планирани на 440,4 милијарди денари, односно раст од 4,8%. Буџетскиот дефицит е проектиран на 45 милијарди денари или 3,5% од БДП, а за капитални инвестиции се предвидени 40,8 милијарди денари.
„Нашата определба останува јасна – постепена фискална консолидација, рационално и ефикасно трошење на јавните средства, подобра наплата на приходите и насочување на средствата кон развојни и продуктивни инвестиции“, истакна министерката.
Согласно проекциите, економскиот раст во 2027 година се очекува да изнесува 3,8%. Главен двигател на растот ќе биде домашната побарувачка, пред сè преку засилената инвестициска активност. Бруто-инвестициите се проектирани да забележат реален раст од 6,8%, приватната потрошувачка раст од 2,5%, додека јавната потрошувачка ќе има умерен раст од 1,1%. Кај надворешниот сектор се очекува раст на извозот од 5,8%, а на увозот од 5,2%.
Во однос на ценовните движења, за 2027 година се проектира просечна инфлација од 3,2%. Позитивните движења се очекува да продолжат и на пазарот на труд, при што се проектира раст на бројот на вработени од 1,2%, додека растот на просечната нето-плата се очекува да изнесува 6,7%.
На приходната страна, вкупните буџетски приходи се планирани на 395,4 милијарди денари. Даночните приходи се проектирани на 223,1 милијарди денари, што претставува раст од 6,4% во однос на 2026 година, додека социјалните придонеси се планирани во износ од 133,8 милијарди денари. Неданочните приходи се проектирани на 30,5 милијарди денари, а донациите на 5 милијарди денари.
Во рамки на даночните приходи, од данокот на личен доход се очекуваат 42 милијарди денари, од данокот на добивка 27,5 милијарди денари, а од акцизи 31,9 милијарди денари.
„Нашата определба е преку подобрување на наплатата, дигитализација на процесите, зајакнување на институционалните капацитети и намалување на неформалната економија да создадеме поефикасен, поправеден и потранспарентен систем на јавни приходи. Целта е планираните приходи да се остваруваат врз реални и одржливи основи, без создавање дополнителен товар за граѓаните и стопанството.“ кажа министерката Димитриеска-Кочоска.
На расходната страна, вкупните расходи се планирани на 440,4 милијарди денари. За плати во јавниот сектор се проектирани околу 57,2 милијарди денари, додека расходите за стоки и услуги се планирани на 27,8 милијарди денари.
За исплата на пензиите се обезбедени 123,8 милијарди денари, со вклучен ефект од усогласувањето согласно законските решенија. За надоместоци за социјална заштита на најранливите категории граѓани се предвидени околу 14,3 милијарди денари, додека за паричен надоместок во случај на невработеност се планирани 1,5 милијарди денари. За активните политики и мерки за вработување се обезбедени 2,9 милијарди денари, наменети за креирање нови работни места и поддршка на вработувањето на младите, лицата со попреченост и корисниците на гарантирана минимална помош.
За здравствена заштита се планирани 58,7 милијарди денари, кои ќе се реализираат преку Фондот за здравствено осигурување, најголем дел наменети за финансирање на здравствените услуги и непречено исполнување на обврските кон јавните здравствени установи.
Продолжува и поддршката на единиците на локалната самоуправа. Трансферите до општините се планирани на околу 36 милијарди денари.
Капиталните инвестиции се еден од клучните развојни приоритети на Буџетот за 2027 година. За капитални расходи се планирани 40,8 милијарди денари.
„Нашата определба е овие средства да бидат насочени кон проекти кои создаваат долгорочна вредност, ја подобруваат инфраструктурата и придонесуваат за поквалитетни јавни услуги. Притоа, не е важна само висината на планираните средства, туку и нивната реализација. Нашиот фокус е на навремено спроведување на проектите и на постигнување конкретни резултати на терен.“ кажа министерката во експозето пред пратениците.
Во 2027 година продолжува реализацијата на значајните инфраструктурни проекти преку ЈПДП поврзани со Коридорите 8 и 10д, изградбата на автопатските делници Кичево–Букојчани, Кичево–Охрид и Скопје–Блаце, подобрувањето на локалната патна инфраструктура, како и модернизацијата на железничката инфраструктура, вклучително и источниот дел на Коридорот 8 и изградбата на заедничкиот железнички граничен премин Табановце.
Во 2027 година започнуваат и нови значајни инвестициски активности, меѓу кои обновата на товарниот возен парк на Железници – Транспорт, дополнителното финансирање за изградба на фискултурни сали, како и реализацијата на проектите за развој на инфраструктурата на високото образование на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Во образованието продолжуваат инвестициите во реконструкција на студентските домови, изградба и реконструкција на училишта и спортски сали. Значајни се и проектите за основна дигитална инфраструктура на државата, енергетска ефикасност во јавниот сектор, модернизација на земјоделството и изградба и рехабилитација на системите за наводнување.
Продолжуваат и инвестициите во комуналната и енергетската инфраструктура, изградбата на пречистителни станици и системи за управување со отпадни води, како и проектите за обновливи извори на енергија и модернизација на енергетскиот систем. Во оваа насока продолжува и реализацијата на проектот за воведување брз автобуски превоз во Скопје.
Буџетскиот дефицит за 2027 година е планиран на 45 милијарди денари, односно 3,5% од БДП, во согласност со Фискалната стратегија за периодот 2027–2031 година. Определбата е постепено намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг, преку подобрување на наплатата на приходите, рационализација на расходите и зголемување на ефикасноста на јавните инвестиции.
Посочи дека финансирањето на буџетскиот дефицит и отплата на обврски кои што доспеваат во 2027 година ќе се обезбедува на домашниот и меѓународниот пазар. При тоа потсети дека следната година меѓу другото доспева за отплата Еврообврзница од 500 милиони евра издадена во 2023 година.
„Не е доволно само да планираме стабилни јавни финансии – наша обврска е тие да ги претвориме во видливи резултати, развојни инвестиции и подобри услови за живот на граѓаните“ кажа Димитриеска-Кочоска.
Министерката посочи дека Предлог-буџетот за 2027 година ги одразува развојните потреби и фискалните приоритети на државата, обезбедувајќи средства за редовно функционирање на институциите, исполнување на обврските кон граѓаните и поддршка на економскиот раст, со јасна определба за наменско, транспарентно и ефикасно користење на јавните средства.



