Утрински Весник
Македонија

Охрабрување или нова илузија: Колку тежи пораката на европратеникот Вајц за Македонија?

Ivan anastasovski 960x595 1.jpg

Пишува: Проф. Д-р Иван Анастасовски

Изјавата на Томас Вајц во Европскиот парламент дека по Црна Гора и Албанија, и Македонија “би можела“ да биде следната членка на Европската Унија, несомнено одекна позитивно во македонската јавност. Во време кога евроинтеграциите се наоѓаат во политички застој, секоја порака што носи надеж за придвижување на процесот привлекува внимание. Дилемата е, дали станува збор за реална политичка проценка или за уште едно охрабрување без конкретна тежина?


Факт е дека Македонија веќе две децении е дел од европската приказна, земјата доби кандидатски статус уште во 2005 година, спроведе бројни реформи, направи тешки политички компромиси и често беше претставувана како пример за решавање на регионални спорови. Сепак, и покрај тоа, патот кон членството остана исполнет со пречки, почнувајќи од грчкото вето па се до денешните несогласувања со Бугарија.

Токму затоа, нашите граѓани имаат право на доза скептицизам, оти во изминатите години слушнавме бројни европски лидери кои уверуваа дека иднината на Западен Балкан е во Европската Унија. Но сепак, зад тие зборови ретко следеа конкретни одлуки кои ќе го забрзаат процесот. Оттука, сосема е разбирливо што дел од јавноста ваквите изјави ги доживува како дипломатски комплименти наместо како вистински политички сигнали.

Од друга страна, не треба целосно да се потцени значењето на ваквите пораки. Денес Европа се соочува со нова геополитичка реалност, пред се војната во Украина, безбедносните предизвици и зголеменото влијание на трети актери на Балканот повторно го отворија прашањето за проширувањето на Унијата. Во такви околности, членството на земјите од Западен Балкан повеќе не се гледа само како политички проект, туку и како стратешки интерес на самата ЕУ.

Сепак, меѓу охрабрувачките зборови и реалното членство стои една суштинска разлика, а тоа се длуките. Европратениците можат да испраќаат позитивни сигнали, но сепак клучот е кај владите на земјите-членки, додека не се создаде политички консензус во Унијата за надминување на билатералните блокади и додека Македонија не ги исполни преземените обврски, секоја проценка за брз влез останува само можност, а не извесност.

Затоа, изјавата на европратеникот Вајц треба да се прими со умерен оптимизам, но сепак таа е добредојдена затоа што покажува дека Македонија не е заборавена во европските институции. Но, истовремено, таа не смее да создаде лажни очекувања, македонската јавност веќе премногу пати беше сведок на големи ветувања и мали резултати.

Вистинското прашање денес не е дали некој европски политичар верува дека Македонија може да биде следна членка на ЕУ. Вистинското прашање е дали Европската Унија конечно е подготвена тоа да го претвори во конкретна политика. Доколку одговорот на ова прашање е да, тогаш изјавата на Вајц ќе остане запаметена како најава за нова европска фаза. Но ако одговорот е не, таа ќе биде само уште една добронамерна реченица во долгата историја на македонското чекање пред вратите на Европа.

Затоа, најреалната оценка е дека станува збор за охрабрувачка политичка порака, но не и гаранција за брзо членство. За македонските граѓани, ваквите изјави имаат вредност само доколку бидат проследени со конкретни чекори од Брисел и земјите членки. Во спротивно, ризикуваат да бидат доживеани како уште една во низата добронамерни, но недоволно обврзувачки пораки.

Македонија повеќе нема потреба од комплименти за својата европска перспектива, туку од предвидлив и кредибилен пат кон членството. По дваесет години чекање, секоја нова охрабрувачка изјава вреди онолку колку што вредат конкретните одлуки што ќе следат по неа.“

Можете да прочитате

Филипче за Преспанскиот договор: Храбрите политики ја внесоа Македонија во НАТО, кукавичките ја држат сега во место

Сторијата „Женското е туѓа фамилија“ на Лени Фрчкоска и Марта Стевковска наградена со „Гласник на невидливите“

Перински и Љутков од Струмица: Секоја нова инвестиција значи нова можност за локален, културен и туристички развој