Утрински Весник
Македонија

ЈО: Покрената истрага против момче и возрасна жена за илегална трговија со дрога во Скопје

Marihuana .jpg

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица –  19 – годишник и 53 – годишна жена кои заедно се осомничени за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и психотропни супстанции од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

По добиени информации од двајца сведоци, полицијата во текот на вчерашниот ден најпрвин извршила претрес во стан во кој престојувал осомничениот и пронашла вкупно 16 пакувања наркотична дрога – марихуана со нето маса од 23,95 грама и 0,24 грама кокаин.

Потоа, сведоците посочиле дека повремено осомничениот ги упатувал да набавуваат наркотична дрога и од неговата соизвршителка со која заедно се договориле да држат наркотична дрога марихуана и кокаин за неовластена продажба.

Во домот во кој привремено престојувала осомничената исто така бил извршен претрес, а полициските службеници пронашле уште 279,3 грама марихуана, 16,43 грама кокаин, како и дигитални ваги и други предмети со траги од наркотична дрога.

Осомничената е лишена од слобода, додека осомничениот е во бегство. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата.

Притворската мерка е определена, а за осомничениот по кој се трага ќе започне да се применува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода.

Можете да прочитате

Уапсен Македонец во Германија за грабеж, жртвата починала од тешки повреди

Сашко Кедев прогласен за „Европска личност на годината“ за 2025

Уапсени седум возачи за безобѕирно управување возило, пет возеле без дозвола и двајца со активна забрана