
Пишува: Проф д-р Иван Аанстасовски
Политичари имаме, политички партии имаме, ветувања и тек како имаме, но останува дилемата каде е државата што им ја ветивме на нашите граѓани. Постои едно прашање што македонската политичка елита упорно го избегнува, а кое станува сè погласно во секојдневието на граѓаните: кој ја изеде иднината на Македонија?
Не станува збор само за економија, за висината на платите, за европските интеграции или за тоа кој ќе ја формира следната влада, туку напротив станува збор за нешто многу посериозно, а тоа е изгубената доверба дека оваа држава може да стане нормално, праведно и функционално општество.
Нашиот проблем не е само во тоа што некои политички ветувања не се исполнети, туку проблемот е што неисполнувањето на ветувањата постепено стана нормална политичка практика. Доаѓањето на секоја политичка гарднитура на власт е со приказни за историски промени, за структурални реформи, за прадва за секого или за еднакви можности за сите наши граѓани, а додека е во опозиција исто така секоја политичка гарнитура преку пресови најавува дека има решение и згора на тоа се држат пресови за “наводни“ криминали кои реално никогаш не се истражуваат. Секој изборен циклус започнува со надеж, а завршува со нова пресметка за тоа кој е виновен за претходниот неуспех.
И така, државата останува заробена во политичко повторување. Најголемиот пораз на Македонија можеби не е поразот на некоја политичка партија, најголемиот пораз е кога граѓаните ќе престанат да веруваат дека политичката промена воопшто може да им го промени животот (за ова треба и СДСМ да се запрашаат и самоанализраат не би било лошо).
Исто така, она што е симптоматично е тоа дека секоја политичка партија доаѓа на власт со ветување дека ќе ја департизира државата, а потоа се соочува со искушението да ја користи истата таа држава за сопствено политичко позиционирање. Партиската книшка премногу често се доживува како предност, а професионалноста како спореден критериум (поради ова имаме непрофесинални и нефукционални институции).
Кога вработувањето, напредувањето, јавните функции и институционалните позиции се доживуваат како дел од партискиот договор, тогаш не зборуваме за модерна европска држава, туку за систем во кој политичката лојалност се натпреварува со знаењето. Прашањето е едноставно: дали Македонија ќе стане држава на институции или ќе продолжи да биде држава на партиски мрежи?
Да се разбереме ова не е прашање само за актуелната влада. Ова е прашање за сите политички гарнитури што учествувале во управувањето со државата.
Токму ова го нотира и последниот извештај на Европската комисија од 5 ноември 2026 година треба да биде сериозно предупредување каде се вели дека нема напредок во борбата против корупцијата, дека постојат проблеми со независноста на судството, политичкиот надзор и функционирањето на демократските институции.
Оти секогаш политичката арена е и за власта и за опозцијата, мора да ја посочуваме одговорноста на опозицијата (во случајот и јас припаѓам тука). Ниту опозицијата не може да остане надвор од оваа политичка анализа. Не е доволно секој негативен извештај да се претвори во прес-конференција против Владата. Не е доволно политичкото незадоволство да се прогласи за доказ дека постои подготвена алтернатива. Опозицијата мора да одговори на едно многу важно прашање: што научи од сопственото владеење? Дали е подготвена да понуди нова кадровска политика, нов модел на функционирање на институциите, нова економска визија и поинаков однос кон граѓаните?
Политичката одговорност не престанува кога ќе се напушти власта. Таа продолжува и во начинот на кој се гради опозициска политика. На Македонија не ѝ е потребна опозиција која само ќе чека власта да направи грешка. Потребна ѝ е опозиција која ќе покаже дека има концепт за државата.
Најголемата трагедија на нашето општество е тивкото заминувањена младите, додека политичарите ги мерат рејтинзите, граѓаните ги мерат можностите за сопствена иднина. Многунпати сум напишал дека, еден млад човек што заминува во Германија, Австрија или Словенија не заминува само поради повисока плата, често заминува затоа што сака систем во кој правилата важат за сите, во кој неговата диплома има вредност и во кој професионалниот успех не зависи од политичка блискост.
И тука се поставува најтешкото прашање: колку уште генерации Македонија ќе образува за да работат и создаваат во туѓи држави? Не може да зборуваме за национална стратегија, а истовремено да дозволиме младите да ја доживуваат сопствената држава како привремена адреса. Не може да зборуваме за патриотизам само на политички митинзи, а да не создадеме услови за достоинствен живот дома.
Да се разбереме, патриотизмот не се мери со гласноста на политичките говори, тој се мери по тоа колку ја сакаме соствената држава, се мери со тоа колку луѓе сакаат да останат, да работат и да ја градат својата иднина во сопствената земја.
Затоа Македонија има потреба од политички земјотрес, но не и од нова политичка илузија. Можеби на Македонија и е потребен политички земјотрес. Но не земјотрес што ќе ги замени само лицата на политичката сцена, туку оној што ќе ги промени правилата на политичкото однесување. Потребна е власт што ќе разбере дека изборната победа не значи неограничена политичка моќ. Потребна е опозиција што ќе разбере дека критиката без алтернатива не создава доверба.
Македонија нема недостиг од политички победници. Македонија има потреба од државнички одговорни луѓе. А можеби најважната политичка промена што треба да се случи е конечно да престанеме да прашуваме кој ќе победи на следните избори и да почнеме да прашуваме: што ќе остане од Македонија по нив?


