Утрински Весник
Македонија

Нула денари од Буџетот – како сомнеж што бара проверка, а не доказ за вина

Trlinmiroslav.jpg

Пишува: Мирослав Трлин, дипломиран економист во пензија:

Одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Република Северна Македонија несомнено е настан од државно и национално значење. За таков датум државата има и право и обврска да организира достојно одбележување. Прашањето што сакам да го отворам не е дали требаше да има прослава, ниту дали програмата требаше да биде ваква или онаква. Прашањето е многу поедноставно: како е организирана и финансирана прославата и дали избраниот модел е во согласност со законите, принципите на добро управување и интересот на граѓаните?


Ова прашање станува интересно во моментот кога слушаме дека за прославата се издвоени 300 милиони денари од нераспределената добивка на АД „Државна лотарија на Македонија“, а истовремено се соопштува дека од државниот Буџет за оваа цел се издвоени нула денари. На прв поглед, двете информации можат да бидат истовремено точни. Средствата на едно акционерско друштво не се автоматски буџетски средства само затоа што државата е негов единствен сопственик. Но, дали со тоа завршува и прашањето за нивниот јавен карактер и за одговорноста пред граѓаните? Дали овдека е испочиутувано само правото а пречекорена обврската ?

Токму тука започнува разликата меѓу она што е de jure и она што е de facto.

De jure можеби нема директен буџетски расход. De facto, меѓутоа, станува збор за средства на компанија во 100-процентна државна сопственост, за чија добивка државата како единствен акционер има свои економски права. Оттука произлегува сосема легитимното граѓанско прашање: дали промената на патот по кој се трошат јавните ресурси автоматски значи и промена на одговорноста за нивното користење?

Но тука има уште едно прашање кое е можеби уште поважно. Кога една државна манифестација се финансира директно од Буџетот, таа влегува во системот на буџетско планирање и јавна контрола. Се планира колку средства се потребни, за која намена, кој е носител на активноста и според кои правила ќе се изберат оние што ќе ги реализираат услугите. Граѓанинот има можност да ја следи таа постапка и преку Буџетот и преку соодветните постапки за трошење на јавните средства.

Но што се случува кога ќе кажеме: „Од Буџетот – нула денари“?

Тогаш на граѓанинот му останува да го следи целиот друг пат на парите. Одлуката дека 300 милиони денари ќе се обезбедат од нераспределената добивка на државна компанија, начинот на кој таа компанија ги обезбедува средствата, правната форма преку која ќе ги стави на располагање, јавниот повик, рокот за доставување понуди, критериумите за избор, бројот на понудувачи, договорот со избраниот субјект, програмата и, на крајот, конечната сметка.

И токму тука се појавува суштинската дилема.  Ако станува збор за прослава од државно значење, која фактички се финансира со 300 милиони денари од компанија во целосна државна сопственост, тогаш јавноста има право да знае како е определен износот од 300 милиони денари, кој ја определил програмата, кој ги утврдил критериумите, зошто е избран токму таквиот модел, колку понуди биле овозможени да се достават и врз основа на што е донесена конечната одлука.  Зашто начинот на финансирање не е само техничко прашање. Тој може да го определи и начинот на кој се носат понатамошните одлуки.

Ако државата сама планира и плаќа од Буџетот, таа во исто време ја презема и својата јавна финансиска одговорност. Ако, пак, државата го префрли финансирањето кон државна компанија и средствата ги стави на располагање преку модел на спонзорирање, тогаш се отвора прашањето дали со промената на правната форма се менува и начинот на кој се обезбедуваат понуди, се избира изведувач и се контролира трошењето.

Не тврдиме дека одговорот е однапред познат. Токму затоа и бараме проверка.

Ова станува уште позначајно ако се земе предвид начинот на кој се одвивала постапката. За настан од ваков обем, јавноста очекува однапред да знае што се планира, колку ќе чини, кои се критериумите, што точно се набавува или спонзорира и кој ќе ја донесе одлуката. Во јавноста, меѓутоа, се појавија информации за краток рок за јавниот повик и за само една доставена понуда.

Самото тоа не е доказ за незаконитост. Една понуда може да биде доволна ако постапката е законски спроведена и ако условите биле правилно поставени. Но краткиот рок и само една понуда кај настан со вредност од стотици милиони денари се околности што заслужуваат објаснување, особено кога станува збор за средства со потекло од компанија во целосна државна сопственост.

Тука повторно се враќаме на суштината: не прашуваме само колку е потрошено, туку како е утврдено колку треба да се потроши и кој имал можност да понуди поинакво решение. Тоа е суштинската разлика меѓу транспарентноста на една постапка и едноставното објавување на нејзиниот краен резултат.

Граѓанинот не треба прво да го види спектаклот, а потоа да се обидува да ја пронајде сметката. Кај трошењето на јавните ресурси логиката треба да биде обратна: најнапред треба да знаеме што се планира, зошто се планира, колку ќе чини, според кои правила ќе се избере понудата и дури потоа да го видиме резултатот.

И токму затоа паралелата со претходните одбележувања е корисна. Не затоа што претходните модели мора да биле совршени, туку затоа што кај нив постоела појасна јавна трага за постапката, договорите, услугите и средствата. Тоа му овозможува на граѓанинот да ја следи врската меѓу планираното и реализираното.

Во актуелниот случај таа врска за јавноста сè уште не е доволно јасна. Имаме голема сума – 300 милиони денари. Имаме државна компанија како извор на средствата. Имаме јавен повик. Имаме краток рок. Имаме една понуда. Имаме голема програма и повеќе настани. Но граѓанинот сè уште има право да праша: како е од почетната идеја стигнато до конечната цена и до конечниот избор?  Тоа прашање е особено важно затоа што „нула денари од Буџетот“ лесно може да создаде впечаток дека државата за прославата не потрошила јавни пари. А тоа не е целосната слика. Прецизно кажано, можеме да кажеме дека нема директен буџетски расход за оваа намена, но истовремено постои користење на економски ресурс на компанија во 100-процентна државна сопственост.

И тука мора да бидеме правно и економски прецизни. Парите на државната компанија не се исто што и парите на централниот Буџет. Но ниту економската вредност на државната компанија може да се третира како да нема никаква врска со јавниот интерес. Државата е единствен сопственик, а добивката на компанијата има вредност и за сопственикот и, преку него, за граѓаните.

Оттука, прашањето не е дали 300 милиони денари формално се водат како буџетски расход. Прашањето е дали јавниот ресурс е искористен на најсоодветен, најекономичен и најтранспарентен начин за целта за која е определен.

За тоа не може да одлучува ниту авторот на оваа колумна, ниту јавноста со политичко надвикување. Тоа треба да го покажат документите и надлежните институции.

Затоа треба да се побара целосна слика: одлуката за користење на нераспределената добивка, правната основа за определување на средствата, начинот на кој е избран моделот на спонзорирање, јавниот повик, критериумите, сите доставени понуди, одлуката за избор, договорот, програмата, поединечните плаќања, даночниот третман и конечната финансиска реализација.

Дури тогаш граѓанинот ќе може да направи разлика меѓу „нула денари од Буџетот“ како точен сметководствен податок и „нула денари јавни средства“ како погрешен заклучок.  Не сме истражен орган, обвинителство или суд. Не треба ниту да бидеме. Нашата задача е многу поскромна, но во демократско општество многу важна – да ги ставиме фактите еден до друг и да покажеме каде постои прашање што заслужува одговор.

Граѓанинот има право да праша како се користи економската вредност создадена во државниот систем, без оглед на тоа дали конкретниот денар влегол во Буџетот или останал во државна компанија. Тоа не е политичко обвинување. Тоа е граѓанска одговорност.

Од друга страна, државните институции и компаниите во државна сопственост имаат обврска довербата што им е дадена да ја потврдуваат со јавно, јасно и транспарентно работење. Најдобар начин да се отстранат сомнежите не е нивното негирање, туку целосното објаснување на постапката.

Сомнежот е причина за проверка, а не доказ за вина. Затоа не треба да бараме некој однапред да биде обвинет. Треба да бараме моделот да биде објаснет.

Зашто по секоја голема прослава останува сметката. А кога сметката ја плаќа државата – директно или преку компанија во нејзина целосна сопственост – граѓанинот има право да знае не само колку чини, туку и зошто токму толку, по кои правила и во чиј интерес е потрошено.

Како што постојат општествено одговорни компании, така постојат и општествено одговорни граѓани. А општествено одговорниот граѓанин не е само оној што ги исполнува своите законски обврски кон државата. Тој е и оној што се интересира како се користат парите што ги издвојува во Буџетот и јавните ресурси што му припаѓаат на целото општество.

Затоа прашањето „како се потрошени нашите пари?“ не треба да се доживува како недоверба кон државата, туку како доверба што бара одговор. А одговорот најдобро се дава со документи, со транспарентност и со институционална проверка.

Сомнежот е причина за проверка, а не доказ за вина. Но и проверката е обврска на институциите, а интересот на граѓанинот е обврска кон сопственото општество.

Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Можете да прочитате

ДОМ: За дата-центарот не е доволно да се избере парцела – мора да се знае колку ќе нè чини и колку енергија ќе троши

Платформата 12:05 за промени во СДСМ излегува на нова трибина на 26 септември!

Нова кривична пријава против Рамиз Мерко