Утрински Весник
Македонија

МИЛИОНИ „ИСПРАНИ“ ПРЕКУ ФАКТУРА ЗА ПИЛЕШКИ НОЗЕ: Кривична за пет лица и две фирми

Uprava za finansiska policija.jpg

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против пет физички и две правни лица поради сомнение за перење пари, измама, фалсификување или уништување деловни книги и даночно затајување.

Кривичната пријава е доставена до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а случајот опфаќа трансакции од повеќе милиони денари, фиктивна фактура за пилешки нозе, договор за цесија и средства кои, според Финансиската полиција, на крајот биле конвертирани во девизи, подигнувани во готово и користени за купување возило.


Според наводите во пријавата, првопријавениот Д.К., како сопственик на правен субјект од Скопје, во текот на 2022 година склучил договор со правен субјект од Словенија за купопродажба на железнички пруги во вкупна вредност од 21.667.680 денари.

Словенечката компанија извршила авансни уплати од вкупно 283.310 евра, односно 17.423.564 денари. Според Финансиската полиција, договорената стока не била испорачана, а парите не биле вратени, со што на компанијата од Словенија ѝ била причинета штета во истиот износ.

Истрагата потоа ја следела трагата на парите.

Финансиската полиција се сомнева дека Д.К., заедно со Ф.Н., кој бил управител и овластен потписник на сметката на пријавеното правно лице, презеле активности со цел да го прикријат изворот и локацијата на парите.

Според пријавата, тие потпишале налог со кој 16.762.410 денари биле префрлени од сметката на скопската фирма на сметка на правно лице од Штип.

Како основа за трансакцијата била наведена фактура за наводна набавка на пилешки нозе, која Финансиската полиција ја означува како фиктивна.

Но, парите не останале на сметката на штипската фирма. Според наводите, преку фиктивен договор за цесија тие потоа биле префрлени на сметката на Х.Р.

Во случајот е опфатена и Ф.М., овластен сметководител, за која постои сомнение дека не ја евидентирала Х.Р. како нов доверител и извршила сметководствено прикривање на трансакциите.

Средствата, според Финансиската полиција, биле евидентирани како негативни книжења на картичката на купувачот, а трансакциите не биле прикажани ниту во Даночниот биланс за 2022 година.

Во пријавата е опфатена и Д.М., која како овластен потписник на сметката на правното лице од Штип, непосредно по уплатата по фиктивната фактура, реализирала електронски налог со кој парите биле префрлени на сметката на Х.Р.

Финансиската полиција се сомнева дека целта била да се прикријат потеклото и локацијата на средствата.

Од сметката на Х.Р., Д.К., како овластено лице, според пријавата, парите ги конвертирал во девизи. Дел од средствата потоа биле подигнати во готово, додека друг дел бил искористен за купување возило.

Случајот има и даночен аспект.

Финансиската полиција наведува дека Ф.Н., како управител на пријавеното правно лице од Скопје, во текот на 2022 година не уплатил персонален данок на доход во износ од 1.885.370 денари за средствата исплатени кон Х.Р. согласно договорот за цесија.

Истовремено, Х.Р., според пријавата, не го пријавила остварениот приход во Годишната даночна пријава за персонален данок на доход за 2022 година.

Против петте физички и двете правни лица се поднесени кривични пријави поради сомнение за кривичните дела „Перење пари и други приноси од казниво дело“, „Измама“, „Фалсификување или уништување деловни книги“ и „Даночно затајување“.

Можете да прочитате

СДСМ: Хиперхлораџијата Тошковски вчера ја чистеше водата, а денеска ја мери полицијата

ДОМ: За дата-центарот не е доволно да се избере парцела – мора да се знае колку ќе нè чини и колку енергија ќе троши

Платформата 12:05 за промени во СДСМ излегува на нова трибина на 26 септември!