
Општина Центар, во соработка со „Прв до врв“, денеска организира „Ноќна урбана трка“ – прв општински полумаратон во државата и нов спортско-забавен настан во Скопје. Ноќната урбана трка ќе започне во 18:00 часот, а учесниците ќе трчаат низ центарските улици, во поинаква вечерна атмосфера.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги повикува граѓаните, љубителите на трчањето и спортот да бидат дел од првото издание на Centar Night Run — Ноќна урбана трка | Скопје 2026.
– Сакаме Центар да живее и преку спортот и да создава настани што ги обединуваат луѓето. Особено ми е драго што токму нашата општина ќе биде првата општина домаќин и организатор на полумаратон во државата. На 12 септември ги отвораме центарските улици за тркачите, но и за сите граѓани кои сакаат да бидат дел од една поинаква вечер исполнета со спорт, дружење и забава. Ги поканувам сите да ни се придружат – вели Герасимовски.
„Ноќна урбана трка“ има цел да го промовира трчањето, активниот начин на живот и дружењето, како и да донесе нова спортска енергија на улиците во Центар.
– По завршувањето на трката, вечерта ќе продолжи во Паркот на Франкофонија со традиционалниот музички хепенинг „Нешто што ќе остане“, со што спортската вечер ќе прерасне во голема забава за сите учесници и посетители – најави општина Центар.


