
Повеќе од 4.500 лица биле откриени како спорни корисници на гарантирана минимална помош и социјална сигурност, тврди премиерот Христијан Мицкоски. Според него, меѓу нив има починати лица, иселени граѓани, но и корисници кои немале основ да примаат средства од државата.

Мицкоски вели дека контролата сè уште не е целосно завршена и дека останува да бидат проверени уште околу една петтина до една шестина од корисниците.
„До овој момент имаме повеќе од 4,5 илјади, значи не 45, не 450, туку 4,5 илјади лажни корисници на гарантирана минимална помош и социјална сигурност“, изјави Мицкоски.
Според податоците што ги изнесе премиерот, сумата предвидена за исплата овој месец е за околу 200 милиони денари пониска во споредба со истиот месец минатата година.
Тој проценува дека на годишно ниво за вакви исплати можеле да се трошат меѓу една и 1,5 милијарди денари, додека финансискиот ефект од проверките би можел да достигне околу 25 милиони евра годишно.
Засега, сепак, нема објавена детална официјална структура за над 4.500 спорни случаи – колку од нив се однесуваат на починати лица, колку на иселени граѓани, а колку на лица кои од други причини не ги исполнувале условите за користење на помошта. Не е објавен ниту конечен извештај од целокупната проверка, па бројките во оваа фаза се засноваат на тврдењата што ги изнесе премиерот.
На слабости во системот на социјални исплати претходно укажа и Државниот завод за ревизија. Во ревизијата што го опфати периодот од 2022 до јуни 2025 година биле констатирани недостатоци во размената на податоци и контролите меѓу институциите.
Ревизорите тогаш утврдиле 235 корисници кои истовремено користеле права од социјална заштита и пензија, при што неосновано биле исплатени околу 236.000 евра.

Мицкоски најави дека контролите нема да запрат кај социјалната помош. Според него, слични проверки ќе следуваат и во други системи, а како еден од следните го посочи здравството.

