
Полицијата веднаш по приемот на пријава за семејно насилство ќе го известува надлежното јавно обвинителство, а јавниот обвинител ќе формира и ќе координира тим од полициски инспектори и стручни лица од центрите за социјална работа. Ваков начин на постапување беше договорен на денешниот работен состанок во Јавното обвинителство меѓу министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, државниот јавен обвинител Ненад Савески и министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски.
Според договореното, при заедничкото постапување ќе се проценува ризикот за жртвата, ќе се обезбедуваат вештачења и стручни мислења за евентуалните повреди и ќе се прибираат доказите потребни за обвинителот во најкраток можен рок да одлучи за кривично гонење.
Трите институции ќе определат и одговорни лица кои ќе бидат постојано достапни за итна комуникација и координација. Тие ќе даваат насоки за постапување, со цел полицијата, обвинителството и центрите за социјална работа да применуваат усогласени процедури и да се избегнат одложувања.
Во соопштението на МВР се наведува дека приоритет ќе имаат навременото препознавање на ризикот, заштитата и згрижувањето на жртвите, како и спречувањето на повторно насилство.



