Денес во Македонија десетици илјади деца се надвор од образовниот процес, над 80 илјади живеат во тешка сиромаштија обременети со голата борба за живот. Одбивам да говорам за образованието на ниво на зборови и флоскули, туку тоа мора да се заоснова на дела. Поразително е што многу деца, многу луѓе не само што не се вклучени во образовниот процес, туку им се одзема шансата да бидат како другите свои врсници и да ги имаат истите услови за образование. Многу од младите луѓе се приморани да работат, од мали нозе, откажувајќи се од својот сон за шанса преку образованието. Уште позагрижувачки е моралната дисторзија во општеството каде неморалното се преставува за морално, а неморалното за принцип кој треба да се следи”, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од Струга на свеченоста по повод одбележувањето на празникот на рамноапостолите Св. Кирил и Методиј.
Тој додаде дека корупцијата ја јаде секоја слободна пора во општеството. Таа ги руши сите стандарди, создава декаденција и станува дел од една култура на владеење, каде да се даде мито, да се даде поткуп е сосема нормална и неизбежна работа. Од друга страна чесниот народ, мнозинството од народот, кој чесен, трудољубив, и кој премногу долго само сонуваше без да го оствари тој реален сон е веќе изморен од чекање.
„Го знам копнежот на секој еден вас тука, но и копнежот на илјадници други низ нашата Македонија кои велат ова е последната шанса за нашата држава. Премногу добри луѓе веќе ја напуштија државата или пак живеат живот на постојано патување од родната грутка до својата нова држава каде работат и се борат. Никогаш не смееме да ги обвиниме овие луѓе, туку вината треба да се бара безмалку во сите тие кои над 3 години велеа дека го следат сонот, но реално потфрлија за градба на слободна, просперитетна и успешна Македонија”, укажа Мицкоски.
Мицкоски посочи дека со многу поделби кои редовно се завесата зад кои се кријат поединечни и најчесто лукративни интереси. Со многу посеана омраза едни кон други и вештачки ѕидови кои се подигнати меѓу реалните луѓе на кое им се сервира тоа семе на злото.
„Тоа семе на зло, роди затруени плодови. И тоа го прават затоа што се уплашени, затоа што знаат дека ако не се власт, не се достојни за привилегии, и немаат додадена вредност во општеството. Народот премногу губеше, премногу е сериозна работата за да мислат тие кои се закануваат дека има нешто повеќе да се загуби во ситуација кога сите ние сме доведени до работ, до линијата преку која не можеме да поминеме, и која се сведува на тоа или ќе не биде, или не, како и тоа дека го немаме изборот, ниту луксузот овој пат да не успееме”, рече Мицкоски.
„Мојата цел е да ги надминиме сите поделби, да ја победиме секоја омраза и да ги соочиме изворите на тоа зло со одговорноста која мора да биде неодминлива, апсолутна и неселективна”, порача тој.
Тој укажа дека народот знае дека за сите нас постои едно исто небо под кое живееме, тагуваме и се радуваме.
„Позади мене е Охридското езеро чиј брег илјадници години обединува луѓе од различни етнички и верски припадности. Не постои лева или десна, на власта или на опозицијата, не постои нешто како лош или добар народ, постои само една, Македонија, со пристојни луѓе кои заслужуваат среќа. Постои само една наша Македонија. Со историја пред која се поклонуваме, и иднина која мораме да ја создаваме сами и за која сме подготвени да се бориме. Немаме време да трошиме за жалење над неправдите врз нас, ниту пак за промашените шанси на тие пред нас. Ние самите мораме да ги создадеме наредните шанси и да ги издвојуваме заедничките победи”, истакна Мицкоски.