Утрински Весник
Македонија

Петковска: Поврзувањето на првиот човек на ОЈО ГОКК со партија ја поткопува довербата

Img 4271.jpeg

Сомнежите што ги следат дел од кандидатите за раководни позиции во обвинителството, како и прашањето за неформалните етнички квоти во правосудството, беа во фокусот на гостувањето на Ивана Петковска од Коалицијата „Сите за правично судење“ во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Говорејќи за изборот на нов раководител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Петковска се осврна на прашањето дали кривичните пријави, обвинителните акти или други постапки поврзани со одредени кандидати можат да имаат влијание врз конечниот избор.


Како пример во разговорот беше посочен случајот во Штип, за кој сè уште нема конечна судска оценка.

Според Петковска, ваквите информации им се познати на самите обвинители и тие можат да бидат земени предвид кога ќе одлучуваат кому ќе му ја дадат својата поддршка. На крајот, токму обвинителите ја носат одлуката кој ќе застане на чело на едно од најважните обвинителства во државата.

Во однос на дисциплинските постапки пред Советот на јавните обвинители, Петковска појасни дека доколку одредена постапка била запрена без да биде изречена мерка, од правен аспект обвинителот нема формална санкција која би претставувала пречка за негово кандидирање.

Посебен дел од разговорот беше посветен на начелото на правична застапеност при изборот на раководни позиции во правосудството, но и на перцепцијата дека во пракса постојат неформални етнички квоти за распределба на функциите.

Петковска објасни дека законската одредба за правична застапеност се применува кога двајца кандидати од различна етничка припадност ќе имаат идентичен број бодови. Во таква ситуација, предност добива кандидатот од помалку застапената заедница.

Но, тоа, според неа, не значи дека законот предвидува однапред утврдена етничка распределба на раководните позиции во обвинителствата.

Петковска децидно посочи дека евентуалните непишани правила и меѓупартиски договори според кои едно обвинителство би требало да му припадне на претставник на една, а друго на претставник на друга етничка заедница, не постојат во ниту еден законски текст.

Во „Ноќно студио“ беше отворено и прашањето за јавната перцепција околу досегашното раководење со ОЈО ГОКК од Ислам Абази.

Во разговорот беше посочена перцепцијата во дел од јавноста дека обвинителството во изминатите години избегнувало да отвора предмети за високи функционери на ДУИ, како и медиумските поврзувања на Абази со партијата уште од периодот на неговиот избор.

Петковска посочи дека, независно од тоа дали станува збор за фактичка поврзаност или за перцепција во јавноста, самото создавање впечаток дека првиот човек на институција задолжена за гонење организиран криминал и висока корупција е близок до одредена политичка партија може сериозно да му наштети на јавниот интегритет на институцијата.

Таквата перцепција, според неа, директно се одразува и врз довербата на граѓаните во обвинителството и во неговата способност независно да се справува со високата корупција.

Токму затоа прашањата за професионалниот интегритет, политичката независност и почитувањето на законските критериуми повторно се наметнуваат како клучни во пресрет на изборот на нов раководител на ОЈО ГОКК.

Можете да прочитате

Забранета водата за пиење во четири струмички села – откриени бактерии и фекално загадување

Петковска: Во 2025 година 66 отсто од пресудите не биле јавно објавени

Петковска: На ОЈО ГОКК му треба шеф кој ќе може да се спротивстави на политичките притисоци