Утрински Весник
Македонија

Марихуана наместо храна, перници и јоргани – разоткриена шверцерска рута преку Табановце

Whatsapp image 2025 04 01 at 15.22.56.jpeg

Истрагата за организиран транспорт на марихуана од Македонија во Србија се проширува. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе нова наредба за спроведување истражна постапка против уште седум лица, кои се сомничат дека биле припадници на организирана криминална група вклучена во меѓународен транспорт и продажба на наркотична дрога.

Според соопштението на ОЈО ГОКК, истрагата која се води од февруари годинава укажува дека во криминалната активност бил вклучен поширок круг лица. Новите докази биле обезбедени преку истражните дејствија во Македонија, како и преку меѓународната соработка со надлежните органи во Србија.

Седумтемина новоосомничени се товарат за кривичното дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ од член 215 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Според досегашните сознанија на истрагата, од засега неутврден период во текот на 2025 година до крајот на јануари 2026 година, на територијата на Македонија и Србија дејствувала организирана група составена од поголем број лица.

Во неа, според Обвинителството, биле шест лица против кои се води постапка во Србија, шестмина опфатени со македонската истрага започната во февруари, седумтемина новоосомничени, како и други засега непознати лица.

Тие, според сомненијата, се здружиле со цел неовластена продажба и пуштање во промет марихуана, при што секој член имал определена улога. Дрогата била преземана, чувана и транспортирана за понатамошна продажба во Србија и во други држави.

Како параван за недозволените активности, според ОЈО ГОКК, било користено правно лице од Скопје кое поседувало одобрение за одгледување канабис за медицински цели и дозвола за производство на екстракти од канабис за медицински потреби.

Обвинителството наведува дека сопствениците на фирмата, од кои едниот бил и управител, по претходен договор организирале и други лица од Македонија и Србија за набавка и транспорт на марихуана.

За пренесување на дрогата биле користени товарни возила и царински декларации во кои се прикажувало дека се превезува легална стока – текстил, прехранбени производи и други производи.

Според истрагата, кај товарните возила со веќе царинета и пломбирана стока се отстранувала пломбата, се вадел дел од легалниот товар, а на негово место се ставале кутии со марихуана со приближно иста тежина. Потоа возилата се упатувале кон граничниот премин Табановце, а дел од осомничените ги следеле со патнички автомобили.

На овој начин, според Обвинителството, марихуаната била прикривана како прехранбени производи, перници и јоргани.

Досегашните докази укажуваат дека истиот начин на дејствување бил применет при најмалку пет транспорти, за кои биле користени различни патнички и товарни возила.

По преминувањето на границата, дрогата се носела во месноста Коњух кај Крушевац во Србија, каде што била складирана, препакувана и подготвувана за понатамошна продажба.

Српското Јавно обвинителство за организиран криминал на 21 јули 2026 година веќе поднело обвинителен акт против шест членови на организирана криминална група за меѓународен недозволен транспорт на марихуана.

Според српското обвинение, двајца сопственици на скопското правно лице давале насоки и инструкции и ги координирале членовите на групата задолжени да ја примат и складираат дрогата во Коњух. Дел од марихуаната била чувана и во помошни објекти во домот на еден од обвинетите, каде што се вршело препакување, а дрогата наменета за белградскиот пазар потоа му била предавана на друг член на групата.

Во меѓувреме, двајца осомничени во постапката што се води во Македонија веќе признале вина.

Основниот кривичен суд Скопје на 10 август донел две пресуди врз основа на предлог-спогодби склучени со осомничените. Ним им биле изречени затворски казни од три години и шест месеци, односно три години и осум месеци.

Можете да прочитате

Гужви на бензинските по објавувањето на новите цени на горивата

Притвор и кривични по крвавата пресметка во Аеродром – двајца тешко повредени

Од трагедијата во „Пулс“ до признание во Стокхолм: Награда за херојството на Јован