Утрински Весник
Македонија

Левица поднесе Предлог – закон за укинување на двојазичните декларации на производите

Levica.webp.webp

Соопштение на Левица:

Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, денес на прес-конференција соопшти дека Левица во текот на вчерашниот ден поднела Предлог-закон за измена на Законот за потрошувачи со којшто се предлага укинување на двојазичните декларации на производите. 


„Ова го нудиме во насока на зачувување на функционалноста на општеството и сврзувањето во нашето општество и во насока на зачувување на унитарноста на државата. Ова го нудиме наспроти јазичната сегрегација која веќе одамна партиите на елитата пробуваат да ја воспостават во Република Македонија. Нашата законска измена не е водена од емотивни причини, туку, просто, за зачувување на општото комуникациско средство за граѓаните во Република Македонија” – истакна пратеникот Мециновиќ на денешната прес-конференција. 

Мециновиќ потсети дека двојазичните декларации биле протуркани на брза лента од страна на екс-министерот Крешник Бектеши од ДУИ и напомена дека истиот произлегува како ефект од т.н. Закон за двојазичност за којшто Уставниот суд има закажано седница во март.

„Законот има за цел и да ја исправи неправдата наметната врз македонските производители и потрошувачи кои со години трпат административни и финансиски товари наметнати од клиенталистичките политики на режимските партии. Со овој Закон бараме укинување на обврската за задолжителна двојазична декларација на производите и наместо тоа, трговците ќе имаат обврска само на македонски јазик и неговото кирилско писмо да ги доставуваат информациите за производите, а можноста за користење на други јазици е нивно дискреционо право, како што треба и да биде” – образложи пратеникот од Левица.

Тој истакна дека овие измени се неопходни бидејќи актуелниот закон  наметнува дополнителни трошоци на малите и средните трговци кои се соочуваат со економска криза. 
„Оваа бирократска заврзлама директно ги става во неповолна положба македонските производители, особено оние кои произведуваат за извоз и за региони во кои не е потребна двојазична декларација” – акцентираше пратеникот.

Како цел на овие законски измени поднесени од Левица, Мециновиќ сумираше дека е: Да се заштити македонскиот јазик како единствен службен јазик во целата држава, со цел општа комуникација за сите граѓани во Република Македонија; Намалување на трошоците за производителите и трговците и олеснување на административните процедури со избегнување на дополнителните обврски наметнати во време на економска криза.

Мециновиќ кажа дека очекуваат жестоки напади од режимските партии и партиите на естаблишментот кои ја користат јазичната сегрегација за поделба на политичкиот плен и деинтеграција на сврзните ткива на нашето општество. 
„Но, сепак, очекуваме поддршка, бидејќи сите овие ефекти произлегуваат од противуставен закон чии ефекти треба веќе да се анулираат” – заклучи пратеникот од редовите на Левица.

Можете да прочитате

Ќе следи ли ново менување на личните документи поради промената на државниот грб?

Стипендии за учество на летни школи по чешки јазик

ЛДП: Рисот како консензуално решение за новиот државен грб