
Јавното обвинителство води предистражни постапки и истраги што се однесуваат и на актуелни високи функционери, потврди државниот јавен обвинител Ненад Савески во интервју за „Клик Плус“ на ТВ21. За дел од предметите, рече тој, обвинителството засега не може да соопшти детали поради законската обврска да ја чува тајноста на предистражната постапка.
Савески посочи дека обвинителството ја информира јавноста за истрагите што ја поминале предистражната фаза и дека така ќе постапува и во иднина. Запрашан дали би се отворила постапка и за лице што извршува висока функција, тој рече дека обвинителот е должен да постапи врз основа на законот и собраните докази, без оглед на функцијата на лицето.
„Доколку имаме кривично-правен настан во којшто сторител е било кој, вклучително и актуелни функционери, и за тоа собереме цврсти, несоборливи докази, секако дека ќе има постапка“, порача Савески.
Во интервјуто тој се осврна и на големите предмети што веќе се во судска фаза. Меѓу постапките што ги посочи како професионален испит за обвинителството се „Адитив“, „Мазут“, „Онкологија“, „Државна лотарија“ и „Беланоца“, како и предметите против апелацискиот судија Ѓоко Ристов и кардиологот Жан Митрев.
Според Савески, исходот од овие постапки ќе покаже дали обвинителите успеале со доказите да ги поткрепат обвиненијата пред судот. Тој оцени дека осудителната пресуда би покажала дека обвинителот успеал да го докаже обвинението.
„Доколку добие ослободителна пресуда, а јавниот обвинител останал на обвинението, тоа е нешто што би се ценело како неуспех“, посочи Савески.


