
Јеменските бунтовници Хути денеска прогласија поморска блокада на Саудиска Арабија, што веднаш стапува во сила.
Хутите соопштија дека воведуваат „поморско ембарго против криминалниот саудиски непријател“, повикувајќи се на принципот „око за око“.
Според нив, блокадата е одговор на она што го нарекуваат продолжение на „неправедната и угнетувачка опсада на нашиот сакан народ“ од страна на Саудиска Арабија речиси 12 години. Тие го обвинуваат Ријад за грабеж на јеменските ресурси и наметнување сеопфатна блокада на копно, море и воздух.
Хутите минатата недела истрелаа ракети кон Саудиска Арабија откако ги обвинија саудиските сили за бомбардирање на аеродром под нивна контрола. Хутите тоа го оценија како прекин на четиригодишното примирје помеѓу кралството и бунтовничката група поддржана од Иран.
Тоа беа првите напади врз Саудиска Арабија за кои Хутите ја презедоа одговорноста откако неформалното примирје стапи во сила во март 2022 година, постигнато по нивните претходни напади врз саудиската енергетска инфраструктура.
Јеменските владини сили поддржани од Коалицијата предводена од Саудиска Арабија, и бунтовниците Хути, поддржани од Иран, се борат за превласт од 2014 година. Хутите контролираат големи делови од земјата, вклучително и Сана, каде што бунтовниците воспоставија своите политички институции. Меѓународно признатите јеменски власти се протерани од Сана во Аден. Судирите доведоа до една од најлошите хуманитарни кризи во светот.
Односите помеѓу Саудиска Арабија и Јемен дополнително се вложија во декември минатата година, кога сепаратистичкиот Јужен преоден совет (СТЦ), поддржан од Обединети Арапски Емирати презеде контролата врз делови од јужен и источен Јемен напредувајќи кон саудиската граница, што Ријад го оцени како закана за својата национална безбедност. Борците поддржани од Саудиска Арабија во голема мера ја вратија контролата врз тие области.
СТЦ, кој има поддршка од ОАЕ, претходно се бореше заедно со јеменските владини сили против Хутите, но последните години ја презедоа контролата врз Аден и големи делови од јужниот дел на земјата и сега се бори за независност на јужен Јемен.



